Владата на Шпанија во четвртокот изјави дека во саботата ќе одржи вонредна седница на која ќе се предложи укинување на автономија на Каталонија.
„Владата ќе продолжи со постапката предвидена во член 155 од Уставот, да се вратиме на законитоста во автономниот регион Каталонија”, се вели во соопштението на владата.
„На вонредна седница во саботата, Советот на министри ќе донесува мерки и ќе ги проследи до Сенатот, со цел да се заштитат интересите на сите шпанци, вклучувајќи ги и граѓаните на Каталонија, и воспоставување на уставниот поредок во Каталонија”, стои во продолжение од соопштението.
Соопштението е издадено откако каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон не го задоволи ултиматумот до четвртокот, кој му беше зададен од шпанскиот премиер Рајола, да се откаже од барањето за независност на Каталонија.