Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денес излезе со официјално соопштение за вчерашниот рутински сообраќаен преглед, кога полициски службеници го запреле возилото на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски. Како што изјави тој, полицајците го малтретирале пред неговото 7-годишно дете.
„Министерството за внатрешни работи, во врска со вчерашната сообраќајна контрола врз патничко возило БМВ 320, сопственост на општина Аеродром и управувано од И.К. од Скопје, категорично ги демантира и отфрла наводите за некакво малтретирање на полициските службеници врз возачот при рутинскиот сообраќаен преглед“, соопшти полицијата.
Синоќа на булеварот Илинден, сообраќајна патрола го запрела возилото на Коневски, па при контрола, утврдено е дека на истото има вградено флешери. Поради тоа на лице место му бил изречен прекршочен платен налог согласно член 139, став 11, од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Ивица Коневски изјави дека возилото било доделено од страна на Владата со вградени флешери претходно, а МВР од тогаш му немаат побарано да ги отстрани.
„Вчерашното стопирање на возилото и изживување пред моето 7-годишно дете и пишување прекршочна пријава за флешерите на возилото е продолжување на притисоците што почнаа уште во предизборната кампања и очигледен показател какви луѓе се на чело на МВР и на државата, кои се занимаваат со маргинални теми наместо да се фатат со решавање на проблемите на граѓаните, за што земаат плата“, реагираше Коневски.