Велат за ВМРО дека била (про)бугарска организација. Првото име на Организацијата било БМОРК (Б’лгаро-Македоно-Одрински револуционен комитет), ако не верувате прочитајте, а ако ве мрзи да читате видето го видеото од емисијата на Васко Ефтов со гостин академик Иван Катарџиев. Академикот убаво си кажува. Прочитајте нешто и за Бугарската егзархиска машка гимназија во Солун, расадникот на Организацијата. Видете ја поврзаноста на Бугарската егзархија со Организацијата. Побарајте ги мемоарите и спомените на војводите и комитите. Таму е кажано се.
Велат за ВМРО дека била масонска организација. За тоа дека голем број масони биле дел од врвот и елитата на Организацијата се знае одамна. Според архивот на софиската масонска ложа „Светлина“, првиот секретар на Организацијата, Дамјан Груев бил масон. Масони исто така биле: Александар Протогеров, Наум Томалевски, Георги Баждаров, Кирил Прличев, Симеон Радев, Андреј Љапчев, Димитар Ризов, Наум Туфекчиев и др…
Велат за ВМРО дека била фашистичка организација. Организацијата никогаш не била фашистичка според својата идеологија. Во периодот 1893-1908 дури преовладувале социјалистичките идеи. Гоце Делчев например е исклучен од Софиското воено училиште заради учество во социјалистички кружок. Со повторното активирање на Организацијата во 1919 година, таа застанува на антилевичарски позиции. Во отворен конфликт е со БКП и БЗНС, но тоа не ја прави оваа организација фашистичка. Да, нејзините начини за решавање на проблемите биле крути, но да не забораваме дека се работи за времето помеѓу двете светски војни, кога на мода биле пресметките, а не дебатите. Светот само што излегол од една војна и цврсто чекорел кон следната. Во врска со контактите, соработката на Иван Михајлов со хрватските усташи и тврдењата за негова соработка со италијанските и германските тајни служби нема друго објаснување освен тоа што последниот лидер на ВМРО бил подготвен и на сојуз со „ѓаволот“ за да ги постигне целите на Организацијата. Кои биле тие цели? Разгледајте во кој период борбата била за Автономна Македонија и кога таа борба еволуира во стремеж и саможртва за Независима Македонија.
Велат дека ВМРО и донела само црнила на Македонија. Организацијата е во основата на сѐ за денешна република Македонија. Да не постоеше Организацијата, Гоце, Даме, Питу и Сандански немаше да бидат спомнати во химната на Македонија. Немаше ни да има посебна македонска химна. Македонија ќе беше Јужна Бановина и официјално. Да не беше Организацијата, немаше да го има Илинден, немаше да го има подвигот на Мечкин Камен. Да не беше Организацијата немаше да ја има „Изгреј зора на свободата“ и немаше да имаат што да пејат АСНОМ-ци. Да не беше Организацијата, немаше да го има подвигот и симболот на саможртвата во името на една заедничка цел. Да не беше Организацијата немаше да ја има Македонија, како факт на светската политичка карта.
Пишува: Батко Тане