Регионалниот парламент Каталонија гласаше и прогласи независност од Шпанија, објави весникот Lа Vanguardia. Предлогот беше поднесен порано денеска од страна на партиите “Заедно за” и “КУП”, а за време на самото гласање беше поддржан од гласовите на 70 пратеници. Десет се спротивставија, двајца се воздржаа. Опозициските партии во каталонскиот парламент ја напуштија пленарната сала пред гласањето на предлогот за прогласување независност.
Претходно во петокот, во 45-минутен говор, шпанскиот премиер Маријано Рахој побара од Сенатот да го отстрани регионалниот водач на Каталонија, Карлес Пучдемон, од власт, во обид да го спречи објавувањето на независноста на овој североисточен автономен регион. Во обраќање кон горниот дом шпанскиот парламент, Рахој повика на “ослободување на лидерот на Каталонската влада, неговиот заменик и сите регионални министри “. Малку подоцна, партиите „Заедно За“ и CUP поднесоа резолуција до регионалниот парламент во Барселона, за прогласување независност од Шпанија.
“Ние ја прогласуваме Каталонија за независна држава во форма на република”, се наведува почетокот на изгласаната резолуција изготвена од партиите со мнозинство во регионалниот парламент.