4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Збор два за Јаворов

Пејо Јаворов е големина за Македонија. Тој ја љубел Македонија на начин непознат за многумина денес. Ја љубел како поет и творец, како нејзин неразбран син. Ја љубел со целата своја суштина. Колку такви луѓе познавате денес? Колку од денешните актуелни „патриоти“ и „бранители“ на Македонија, би се лишиле од личниот комодитет и навистина би се „поарчиле“ за Македонија?

Прашања еден тон, а одговорите не будат некаков оптимизам, а пак уште помалку гордост. Затоа е тука Јаворов, за да нѐ потсети дека нема потреба да си роден во Македонија, за да ја сакаш повеќе од сѐ на светот.

Јаворов не пишувал евтини слогани наменети за уште поевтини лепачи на плакати и тролови низ социјалните мрежи. Јаворов пишувал за љубов, мака и комитаџијство. Ги осетил и трите теми во своите песни, на сопствената кожа…

И љубовник бил и „в комити“ заминал и маката ја водел за рака цело време. Можеби затоа толку многу ја сакал Македонија, бидејќи како што се вели во еден од најубавите филмови направени за Македонија, бугарското ремек дело „Мера според мера“ (реж. Георги Дулгеров, сценариото е правено според романот на Свобода Бачварова „Литургија за Илинден“), „Македонија доаѓа од маки, маки- Македонија“.

Во своето претсмртно писмо испратено до Тодор Александров, Јаворов жали што не го дал својот живот за Македонија, туку морал сам да си го одземе својот живот далеку од својата втора мајка…

Поетот-комита жали за тоа што не загинал како комита, за да се „ожени“ за таа пуста поробена Македонка од песната за Костадин, која им стана невеста и сестра на илјадници горди мажи и жени, кои како што вели поетот Вазов „И твојто име само кат м’лвјаха умираха без страх“.

Нема зборови со кои може да се опише подвигот на тие знајни и незнајни јунаци. Затоа драги мои, немојте да ги барате тие зборови, барајте ги книгите и прочитајте за Јаворов. Запознајте го авторот на најубавата песна напишана за Македонија „Хајдушки песни“ посветена на Гоце Делчев. Запознајте го Јаворов за да ја засакате уште повеќе и Македонија.

Пишува: Батко Тане

поврзани објави

Последни објави