3.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Турската полиција уапси 61 осомничен припадник на ИД

Турската полиција денеска соопшти дека во две одвоени акции уапсила 61 лице, осомничени за поврзаност со џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Како што јави Анадолија, во првата акција во источниот округ Ерзурум биле приведени 22 осомничени припадници на ИД, меѓу кои и неколкумина истакнати членови на групата.

Во втората полициска операција, спроведена во седум општини во реонот на северозападниот град Бурса, биле уапсени уште 39 лица, под сомнеж за врски со ИД, меѓу кои и две жени.

Поголемиот број од приведените во реонот на Бурса се државјани на Сирија.

Турската полиција вчера во Анкара приведе 49 странски држајани, за кои постои сомнеж дека претходно како припадници на ИД учествувале во борбите во Сирија и Ирак, од каде по поразот на групата, илегално преминале во Турција.

Во друга акција, спроведена вчера во Истанбул, беа уапсени четири осомничени припадници на ИД, за кои се претпоставува дека подготвувале терористички напад во трговски центар во истанбулската населба Бајрампаша.

Во неколку напади во Турција во последниве години, за кои одговорност презеде ИД, загинаа најмалку 319 лица.

поврзани објави

Последни објави