Маслинката е библиска билка, позната од многу одамна. Таа се споменува во Библијата како симбол на мир и добронамерност, но и како симбол на животот и надежта. За старите народи, маслинката била симбол на мудроста. Ова зелено овошје успева само во јужните, топли краеви, бидејќи веќе на 10 степени Целзиусови угинува.
Најценет е плодот на маслинката, кој се јаде сиров или конзервиран. Но, маслинката својата популарност ја стекнала и поради маслото, кое се наоѓа во нејзиниот плод. Плодовите на маслинката содржат дури 35% масло, кое не е само зачин, туку и природен лек. Поради неговите благотворни својства, маслиновото масло се нарекува и „медитеранско злато”.
Поради докажаните лековити својства маслиновото масло се повеќе се препорачува од страна на современата медицина и се почесто се употребува во кујните. Важно е да знаеме дека најздравата форма за консумирање на маслиновото масло е кога е ладно цедено или некаде можете да го сретнете како „девствено“ масло. Ваквото термички необработено масло никако не смее да се изложува на високи температури, бидејќи на тој начин се уништуваат сите квалитетни компоненти, се развиваат и некои токсични материи. Благодарение на високата содржина на витаминот Е маслинките се корисен антиоксиданс. Покрај тоа содржат и многу хранливи и лековити материи: витамин Ц, Д, А, К, билни масти, белковини, бета- каротен, ензими, незаситени масни киселини, омега/3 киселини, хлорофил и железо.
Маслиновото масло е вистинска ризница на материи кои се му потребни на организамот. Маслиновото масло го јакне имунитетот, го штити срцето и крвните садови, но дејствува и против хроничните дегенеративни заболувања. Маслото е заштитник на желудникот. Има и силни антивоспалителни својства.
Маслиновото масло е добар заштитник од атеросклероза, како и од дијабет и скоро сите други метаболички пореметувања. Маслиновото масло е одличен избор за луѓето кои патат од зголемени триглицериди и холестерол, па се препорачува овие луѓе сончогледовото масло во целост да го заменат со маслиново масло. Во некои истражувања при кои се испитувале способностите на маслиновото масло против ракот, се докажало дека тој има висока протективна улога особено кога се работи за рак на дебело црево и дојка. Научниците веруваат дека маслиновото масло е одлично во регулирање на шеќерот во крвта, бидејќи се докажало дека оброците во кои има додадено маслиново масло имаат помала моќ за нагло покачување на шеќерот во крвта. Сепак кога сме кај маслиновото масло мораме да ја
нагласиме и неговата моќ во намалување на крвниот притисок. Научниците велат дека и мала количина на маслиново масло влијае во намалување на крвниот притисок.
Освен наброените придобивки, маслиновото масло е добро и кај асматичари, луѓе со пептичен улкус и било какви воспалителни заболувања.