Во насока на унапредување на буџетскиот процес со зајакнување на среднорочно буџетско планирање, Министерството за финансии соработуваше со Финскиот институт за јавен менаџмент на твининг проектот „Зајакнување на среднорочното буџетирање за ефикасно управување со јавните финансии“.
Целта на проектот е да се добијат искуства од странски експерти за да се постават основите на среднорочно буџетирање, односно создавање на рамка за расходите и приходите, на буџетот за подолг временски период од една фискална година. Со ваквиот пристап се очекува да се подобри ефикасноста во планирањето и спроведувањето на буџетот, како и да се подобри транспарентноста во управувањето со јавните финансии.
-Да размислуваме подолго, на среден период. Да го воведеме во реалноста среднорочно буџетско планирање наместо планирање за една година што беше пракса досега, бидејќи тоа е важно за да знаеме каде сакаме да стигнеме и како да изодиме до таму – порача министерот Тевдовски.
Исто така, со проектот се работеше на унапредување на програмското буџетирање, односно распределување на буџетските средства по програми, што ќе го олесни следењето на истите и исполнување на поставените индикатори. Твиниг проектот имаше за цел и да ги зајакне капацитетите за фискално известување, односно известувањето за спроведувањето на буџетот.
Во рамки на проектот изработен е предлог текст за Закон за буџети, изготвени се прирачници за програмско буџетирање, за среднорочна буџетска рамка и среднорочна рамка за расходи, како и за државна финансиска статистика. Во рамки на една од компонентите на проектот изработено е софтверско апликативно решение за пријавување и евиденција на обврските на сите правни субјекти основани од државата и единиците на локалната самоуправа.
Исто така, беа анализирани постоечките законски и стратешки документи во јавните финансии, спроведени се обуки, организирани се семинари, студиски посети за да се се споделат искуствата и знаењата.
Во проектот учествуваа експерти од Финска, Словенија, Австрија и Холандија. Твинингот е поддржан од финансиски од Европската Унија преку Националната ИПА програма ТАИБ 2011 и истиот е со вредност од 1,1 милион евра.