Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со претставници од авио компанијата Аркиа од Израел.
На средбата се разговараше за воспоставување на нова линија на релација Скопје -Тел Авив.
Министерот Сугарески ги презентираше можностите и условите што ги нуди Република Македонија за авиокомпании заинтересирани за операции од домашните аеродроми. На средбата, министерот потенцираше дека развојот на авиосообраќајот во Република Македонија е приоритет на Владата и во таа насока политиките што ги презема Министерството за транспорт и врски се движат кон обезбедување на широка мрежа на дестинации во Европа и светот.
“Најпрво би сакал да им се заблагодарам на претставниците од авиокомпанијата Аркиа од Израел. Имавме плодна средба на која ги образложивме нашите услови за работа во оваа дејност во Република Македонија. Тие ги презентираа плановите за ширење на нивната мрежа и во Република Македонија со воспоставување на нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.”
Министерот потенцираше дека Владата има обврска да се залага за развој на авиосообраќајот и во таа насока ќе се понуди поддршка на секоја авиокомпанија што сака да оперира во Република Македонија.
На средбата се отвори и прашањето за придобивките што ќе ги имаат двете земји во однос на зголемување на туризмот, економските односи и културните врски доколку се реализира оваа авио линија.
Во такви услови, Владата на Република Македонија воспоставува политики за развој на ависообраќајот и обезбедување на подобри услови за граѓаните и сите други чинители во воздухопловната дејност во Република Македонија, истакна на средбата министерот Сугарески.