Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на средбата со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, изјави дека не е возможно да има кредибилност на процесот на проширување, без Македонија да биде дел од Стратегијата на Европската Комисија за проширувањето на Унијата.
Според Османи, веќе се создадени условите 2018 година да стане историска година за Македонија и за нејзините евроатланските амбиции. Тој додал дека тоа е важно за Унијата да може полесно да се справи со новите предизвици, уште поважно за стабилноста на регионот, а најважно за Република Македонија, „која не смее да си дозволи да го пропушти овој моментум на европски оптимизам“.
Вицепремиерот за европски прашања на Могерини ѝ ја пренел и намерата на Владата за „храбро и позитивно да се посвети на затворањето на сите отворени политички прашања, како што и спорот со Грција за употребата на уставното име на Република Македонија“.