По прв пат после 1958 година репрезентацијата на Италија не успеа да се пласира на Светско првенство, кое ќе се игра летото 2018 во Русија.
Огромен дебакл се случи синоќа на Сан Сиро. Навивачите на Италија до последен момент веруваа дека нивниот тим може да ги преврти работите во нивна корист, но на крајот тоа не се случи. Сметката на крајот изгледа ќе ја плати селекторот Вентура, кој од денес сигурно е најомрзената личност на Апенините.
По синиќешниот натпревар на прес конференцијата, главно прашање на новинарите беше дали Вентура ќе си поднесе оставка и ќе се обиде да го сочува своето достоинство. Меѓутоа, тој порача дека не размислува за оставка и се ќе биде појасно кога ќе разговара со челниците на Фудбалскиот сојуз на Италија.
Медиумите во Италија пренесуваат дека Вентура жестоко се расправал со играчите по завршувањето на натпреварот, затоа што и тие од него бараат да ја напушти репрезентацијата. Тој порачал дека ќе се огласи утринава, но тоа не се случи затоа што тајно го напуштил хотелот во Милано преку споредниот влез.