„Нашите“ од Канада се јавија. Во недела (19.11.2017) ќе се „мобилизирале“ и „ќе донеселе одлуки против предавничката влада“. Пред малку пак, еден мој близок другар ми прати видео од едни луѓе влезени во евтин арканов филм, со маици, со капи, со марами со сѐ. Тие пак проколнуваа. Да ти е срам да кажеш нешто против Заев и неговата команда, оти ако кажеш ќе те стават во ист ќуп со овие патриотиве (едниве на дистанца и со фрижидери по дома и другите, кои пак претерале со гледањето на VHS касетата од свадбата на Цеца и Аркан).
Истите тие „патриоти“ никакви ги нема да се јават, тогаш кога скопска пивара мора да донира инкубатори за Клиниката за гинекологија. Ништо не зуцнале за лошите услови во македонските болници. Не ги слушаме да кажат нешто за понижувачките плати на докторите и просветните работници. Не отвориле уста за фактот дека се претворивме во место каде криминалците се фацки од најелитна сорта, а чесните луѓе се клошари кои работат од утро до вечер за да сврзат крај со крај.
Веќе ни на мене (а имам огромен праг на толеранција) не ми е забавно кога ги гледам загубените во просторот и времето сателитски патриоти, кои има нема и туку ќе се јават со по некој бисер.
Драги наши, дај оладете со муабетиве. Се знаеме кој од каде е и кој колку вреди. Не се сеќавам да сте дале некаков паметен предлог во врска со подобрувањето на животот во Р. Македонија? Не се сеќавам некоја практика од Канада (вашата втора татковина), да ја имате предложено за да го направите животарењето на вашите „браќа“ од Републикава, барем за нијанса поподносливо.
Се појавувате од ништото, за да ни ја покажете тежината на содржината во вашите глави, со некој напумпан како цицките на некоја од вашите омилени фолкерки слоган и после се враќате пак таму во ништото. Терајте си го филмот на второ колено Македонци и прво колено Канаѓани и остајте не на раат нас нормалниве, барем да не се срамиме кога ќе се наречеме или почувствуваме патриоти.
Дали знаете колку апели за помош за лечење на деца, се појавуваат неделно на социјалните мрежи и во медиумите? Дали знаете на колку деца може да се помогне, ако пратениците во македонското собрание почнат да одат на работа со автобус? Не знаете, затоа што не сте кажале ништо по таа тема, инаку многу поболна и од тиранската платформа и од договорот со Бугарите. Поболна дури и од преговорите со Грција, бидејќи барем според мене, нема ништо гордо во тоа да лупаме во гради со имиња додека нашите деца умираат. Не ги следите вие тие работи изгледа, затоа онака како Македонец, ќе ве замолам, ако немате да кажете нешто во врска со навистина болните теми, што ја мачат македонската јавност, најдобро е да ни пратите по еден фрижидер (пошо ние си немаме) и да прекинете да се лупате во гради со вашиот сателитски патриотизам.
Пишува: Батко Тане