Претседателите на владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Струмица претседаваа со заедничката седница меѓу владите на двете земји.
На седницата беше потпишана Заедничка декларација од првата средба меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија, во која се нотирани заложбите за унапредување на соработката во сите сфери, како и уште 9 договори, меморандуми, аранжмани и протоколи за соработка, што ги потпишаа ресорните министри и директори на агенции.
Министрите за надворешни работи на двете земи, Никола Димитров и Екатерина Захариева, потпишаа Платформа за интензивирање на соработката помеѓу двете министерства, а министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов, потпишаа аранжман за соработка меѓу Министерството за одбрана на Република Македонија и Министерството за одбрана на Република Бугарија за обука на возачи и механичари на тенковите Т-72 од составот на АРМ во Република Бугарија.
На денешната заедничка седница беше потпишана и Спогодба меѓу Република Македонија и Република Бугарија за соработка во случај на катастрофи, како и Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија – Инвест Македонија и Бугарската инвестициона агенција.
Владите на двете земји денеска потпишаа Меморандум за разбирање за намалување на тарифите на меѓународниот роаминг за телекомуникациски сервиси, помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија и Министерството за транспорт, информативна технологија и комуникации на Република Бугарија.
Во име на министерствата на Република Македонија и Република Бугарија беше потпишан Протокол за намери за соработка во областа на туризмотмеѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија, како и Меморандум за соработка на полето на основната геодетска работа, картографијата, гео-информатички катастар за недвижности, и податоци за урбанистичка инфраструктура помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија и Агенцијата за геодезија, картографија и катастар на Република Бугарија.
Електро преносните системски оператори ЕСО, ЕАД од Република Бугарија и МЕПСО потпишаа Спогодба за спроведување на заеднички тендери за дистрибуција на преносни капацитети, а Булгартрансгаз ЕАД и Македонски енергетски ресурси АД (МЕР) потпишаа Спогодба за пред-проектна студија во врска со изградбата на нова гасоводна меѓу-системска врска меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Претседателите на владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, во име на јавноста на настанот одржаа прес конференција на која информираа за резултатите од заедничката седница на владите на двете земји што денеска се одржа во Струмица.
Премиерот Заев во своето обраќање пред големиот број медиумски претставници истакна дека со оваа заедничка седница, владите на Република Македонија и на Република Бугарија застануваат една до друга во ефектуирање на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и дека со изразената политичка волја се активира уште еден од моторите кои треба да го повлечат целиот регион, напред.
„Оваа свест што ја имаме како влади, за нашата историска одговорност, да одговориме на моментот што отвора перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, е значајна за евро-интеграциите на Македонија, и значајна за евро-интеграциите на регионот. Но, пред сѐ и над сѐ, почитувани граѓани на двете држави, ние, како политички раководства, испраќаме силна порака во регионот и во светот: дека вака се гради пријателство, вака се негува добрососедство, вака се развива соработката, вака се сакаат своите граѓани, и вака се обезбедува долгорочна стабилност“, истакна премиерот Заев.
Како што информираше премиерот Заев на заедничката седница било разговарано за продлабочување на соработката во областа на економијата, енергетиката, инфраструктурата, прекуграничната соработка, потребните реформски процеси за европските и евро-атлантските интеграции.
„Определени сме да ги зајакнеме трговско-економските врски преку бизнис контакти, бизнис форуми, саеми и слично. Промовираме патувањата на туристи од трети земји, вклучувајќи и развивање заеднички туристички производи. Ги истражуваме можностите за развој на нова директна врска за гас меѓу државите и дополнително снабдување со гас за двете земји, регионот на ЈИЕ и ЕУ. Високо ги цениме аранжманите помеѓу двете влади за развојот на Коридорот 8, чијашто реализација е во насока на поддршка на еден од нашите заеднички приоритети за поврзување, а со тоа и можност за билатералниот и регионалниот економски развој. Заедно ќе работиме на решавање на новите безбедносни предизвици, вклучително и тероризмот, кибер и хибридни закани, како и управувањето со миграциските текови, земајќи ги предвид економските, социјалните, хуманитарните и политичките димензии на секој од предизвиците. Заедно ќе работиме на проектите за градење и консолидација на демократските институции и граѓанското општество во земјите“, рече Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.
Во завршницата на своето обраќање на конференцијата за медиумите, во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во негово лично име, премиерот Заев изрази искрена благодарност до граѓаните на Република Бугарија, до неговиот колега, премиерот Бојко Борисов и до Владата на Република Бугарија за отвореноста да и помогнат на Република Македонија во остварувањето на стратешките, евро-интеграциски цели и за можноста за градење пријателство со кое се отвора европска и евро-атлантската иднина за целиот регион.
Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, во своето обраќање на прес конференцијата истакна дека во целост ги поддржува спогодбите, декларацијата, како и приоритетите за кои говореше неговиот колега, премиерот Заев.
Тој нагласи дека претстои период, кога Република Бугарија ќе го земе претседавањето со ЕУ, да се направи сериозен исчекор на земјите од Западен Балкан во пристапувањето на унијата, вклучувајќи ја и Република Македонија.
Двајцата премиери, во продолжение на седницата одговараа на прашањата од интерес на новинарите, а потоа премиерот Борисов, во име на Владата на Република Бугарија, на општина Струмица и ја предаде донацијата – возило за лица со посебни потреби.