Концертот насловен „Музика без граници“ е уникатен заеднички проект на познатите македонски музички групи, чии членови наизменично и заедно ќе изведуваат нивни композиции, на македонски и на албански јазик.
Како што велат од „Баги комуникации“, организатори на концертот, целта е да се промовира идејата за заедништво во македонското општество преку музика, како и промоција на мултикултурата воопшто. Со овој проект, бендовите имаат и цел да ја поттикнат децентрализацијата на културните настани, а со тоа да учествуваат во збогатување на културната понуда во внатрешноста на Република Македонија.
„Баклава“ е формирана во 2005 година и е музички состав со минималистички музички концепт: звукот го градат само еден женски вокал и два жичани и ударни народни инструменти – тамбура и деф. Групата „Бла-Бла-Бла…“ е оформена кон крајот на 1980-тите години во Скопје и зад себе има четири албуми, вклучувајќи го и најновото студиско издание од оваа есен. Лидер на бендот е Идриз Амети, кој во македонската музичка андерграунд-сцена важи за една од личностите што извршија влијание на голем број млади генерации музичари.
Двете групи, како дел Новиот културен бран, ќе одржат концерт и в сабота во Домот на културата во Крива Паланка.