Националната установа Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, утре (30 ноември) ќе одржи настап во престижниот Цанкарјев дом во Љубљана, Словенија. Ова е прв настап на најреномираниот македонски ансамбл во Љубљана по 15 години. „Танец“ во Цанкарјев дом ќе одржи целовечерен концерт, на кој ќе бидат изведени 5 кореографии од богатиот репертоар на Ансамблот. Освен тоа, на настапот во Љубљана ќе бидат изведени и десетина најпопуларни македонски народни песни и ора.