Без разлика на тоа што мислите за неговиот опис како играч, ќе морате да се сложите дека тврдењето дека Марио Балотели е специфична појава, како на теренот така и надвор од него е апсолутно точно.
Италијанскиот репрезентативец остава дамка сегде каде што ќе стигне, па не чуди фактот што и после четири години од заминувањето од Манчестер Сити, англиската фудбалска јавност не забавува со приказните поврзани со неговото време поминато во дресот на “граѓаните“.
За специфичноста на напаѓачот на Ница, овој пат, во интервју за Daily Mail, проговори членот (вработен) во Ман. Сити, Лес Чапман: “Тој е навистина посебен. Најнепредвидливиот човек на планетата“, вака Чапман го опишува Балотели и додава:
“Во една прилика, кога беше исклучен од натпреварот со Арсенал, ја фрли својата копачка кон плазма ТВ во соблекувалната при што буквално го искрши“.
Но ова не е крајот на случувањата поврзани со Италијанецот:
“Тој имаше камуфлажни автомобил кој секојдневно го паркираше на забрането место пред еден ресторан во центарот на Манчестер. Тогаш видов дека неговиот автомобил бил запленет 27 пати. Кога замина, го отворив неговото ормарче, а од него почнаа да паѓаат казните за паркирање!“
Сепак, Балотели имаше и своја добра страна:
“Не беше глупав и беше многу дарежлив и великодушен. Тој на бездомниците им даваше многу пари, а на своите пријатели од екипата им полнеше гориво, раскажува вработениот во Сити.