Во изминатиот период се поактуелни се случувањата во ВМРО-ДПМНЕ. Имено, по најавената оставка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ЦК донесе одлука дека на 22 и 23 декември во Валандово ќе се оддржи вонреден Конгрес на кој што партијата ќе гласа за нов лидер.
По најавената оставка, во јавноста се погласни се шпекулациите за тоа кој би можел да го преземе кормилото на партијата, но и за тоа кој би бил најсилен авторитет на домашната политичка сцена, како и пред меѓународниот фактор.
Како евентуални наследници на Никола Груевски се споменуваат имињата на актуелниот генерален секретар на партијата, Христијан Мицкоски, екс министерот за надворешни работи Никола Попоски, Антонио Милошоски и Илија Димовски. Засега, само еден од нив односно г. Мицкоски, пред јавноста, остави простор за можно кандидирање за претседателското место. Единствен политичар кој најави официјално кандидирање е Филип Петровски, кој рече дека има поддршка од најмалку 30 делегати, кој според партиски извори е со најмали шанси за победа во целиот тој круг на неофицијални потенцијални кандидати.
Во јавноста покрај имињата на овие партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ се почесто се споменува и името на основачот и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, за кого велат дека како авторитет може да ги обедини раскараните и поделени вмровски струи во партијата, но и во еден период од 12-16 месеци да обезбеди една демократска атмосфера за избор на лидер кој би можел да владее со партијата, притоа оставајќи му го почесното претседателско место на Георгиевски.
Членот на ИК на ВМРО НП Никола Тасев во емисијата „Click Plus“ на ТВ 21 рече дека до нив постојано пристигнуваат позитивни пораки од членови на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во партијата. Според Тасев, Георгиевски како докажан демократ би можел во период од година и пол да ги обедини струите и да овозможи фер и демократски конгрес за понатамошен лидер на партијата, кој би бил прифатлив од сите, а не од поединци.
https://www.youtube.com/watch?v=xFWnu5d8jXY
Вакво гледиште на работите имаат и поранешниот министер за образование во владата на Георгиевски, универзитетскиот професор Ненад Новковски, кој во изјава за нашиот портал истакна дека предлогот на Стојанче Ангелов за лидер на ВМРО-ДПМНЕ е вистинска основа за разрешување на проблемите во десницата во Република Македонија, но и контроверзниот новинар Зоран Божиновски кој рече дека според него фаворит за лидер на ВМРО-ДПМНЕ од сенка е токму Љубчо Георгиевски. Според пишувањата на одредени медиуми, фаворит на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, иако тој на својот ФБ профил истакна дека нема да се меша во изборот на новиот претседател на партијата.