Пишува: Дино Блажески (Претседател на УМС на ВМРО НП)
На почетокот од патешествиево морам да го нагласам акцентот врз десницата во Македонија. Да, токму тоа сакав да кажам, десницата или политичката ориентација врз која периодов падна најголемиот товар па од нејзините златни времиња некогаш, да дојде до мизерниот статус кој го краси денеска заради и само заради гордоста и суетата на нејзините самонаречени предводници односно изумители или како што милуваат себеси да се нарекуваат – основоположници.
Всушност, последниот удар врз македонскиот десен партиско-политички спектар го зададе моментот на криза на идентитет кај оние кои десет години врз основа на лев популизам ширеа квази-десничарство и извитопереното чувство за слобода предводено од истите преку верните канали за ширење пропаганда – медиумите со некаков предзнак (про-вакви, онакви) со особен акцент кон онаа, другата групација која пак десет години покрај дотогаш невидени методи за вршење притисок врз нејзиното членство упорно ја туркаше приказната за десничарството во Македонија.
И логички после сето ова доаѓа онаа познатата: „операцијата успешна, пациентот мртов“ само што во нашиот случај пациентот и покрај потешкотиите тој сеуште дише и опстојува во својата борба за подигнување на десничарската свест кај луѓето.
Сепак ова е Македонија, а во Македонија се е можно па и лево-десничарство, нели, ако може „космодиск демократија“ можат и извитоперени идеолошки принципи колку толку да функционираат.
Во Македонија како и на Балканот (барем оној потесниот) десниот спектар се води врз база на историјата и традиционалните вредности, конзервативизмот и демохристијанството кои пак во сеопштата десна призма низ Европа и Америка зафаќаат само мал дел од целиот тој спектар помеѓу општите економски и прогресивно-општествени моменти од живеењето па така можам слободно да кажам дека Македонија е една од малкуте држави во која постои десничарство со уникатни принципи и вредности по кои се води и опстојува.
Па така од почетокот па се до денес принципиелната и морална база на вредности на десничарството во Македонија се црпи токму од историското ВМРО, всушност затоа и акцентирањето на ВМРО помеѓу десните политички партии (некогаш десеттина, а сега само две).
И добро, после филозофиите доаѓаме до моментот, што од денеска? Што со десницата во Македонија и дали таа има можност да се издигне како некогаш?
Апсолутно да! Некој ќе се прашува како сме сигурни дека и денеска во Македонија може да се издигне вистинскиот конзервативизам, вистинското десничарство. Едноставно е, се додека има свесни и истрајни борци кои водени од принцип шират слово за десната идеологија ќе има и вистинско десничарство.
Наместо тоа да е континуиран процес како и секаде во светот кај нас на секои четири години се почнува од нула но сепак трае.
И наместо да се затвараме во стаклено ѕвоно од кое нема ниту дупче за провев време е да ги отвориме погледите и рашириме видиците за иднината, како млади, како просперитетна нација која мисли и внимава на својата иднина.
Мора да потенцирам дека во партиите но и надвор од нив постојат многу млади десничари кои и покрај различностите носат со себе единствена цел, а тоа е идејата за благосостојба која им е потребна пак за понатамошно опстојување на просторот во кои тие функционираат.
Е токму тие млади, ќе бидат силата која ќе ги носи промените во нашата Македонија.
И како за крај или пост скриптум доаѓа она што периодов е многу актуелно, а тоа е ветриштата на промените во ВМРО-ДПМНЕ.
Од една страна ми е многу жал што за периодот од тринаесет години во таа партија не се накалеми човек што сега ќе излезеше во пресрет и ќе се справеше со корозијата која се ширеше сиве овие години па во моментов постои само една свесна личност која е лидерски способна да ги обедини сите искрени вмровци околу вистинската идеја на организацијата.
Сигурен сум дека знаете за кого станува збор, па затоа нема да го именувам.
До следното видување, десничарството е на „Никола Вапцаров бр.2“ на чување.