„По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 (200 µг/м3) се под дозволената граница, односно само 1 мерна станица покажала поголемо загадување од дозволениот праг на загадувачките материи во воздухот, Градот Скопје ги известува граѓаните дека се укинуваат вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 8 јануари.
Со тоа, од утре, четврток 11 јануари, се укинува и бесплатниот превоз во автобусите на јавниот градски превоз, кој ќе се наплаќа според постојната тарифа.
Вонредните мерки и препораки Градот Скопје ги воведе по добиеното соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање дека праговите на алармирање на ПМ10 (200 µг/м3) во 2 последователни дена на 2 мерни станици, односно на мерните станици во Ректорат и Лисиче.
Овие мерки и препораки ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.
И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“ се вели во соопштението на Град Скопје.