Жозе Мурињо удри силно по стручните коментатори од „Островото“ кои изминатиов период правеа анализа на играта на Пол Погба и објаснуваа која е најдобрата позиција на Французинот
Рекордното засилување на „Ѓаволите“ имаше очајна партија во поразот од Тотенхем, па за следниот натпревар беше седнат на клупа а шанса во стартниот состав доби младиот Скот Мектоминеј.
Па ваквиот потег на „Специјалниот“ предизвика голема дебата помеѓу стручните коментатори во Англија. Грем Сунес, Рајан Гигс, Имон Данфи, Тони Каскарино и уште неколкумина говореа за тоа која е најдобрата позиција на Пол Погба, како тој треба да биде ослободен од задачите во дефанзивата и како Жозе Мурињо може најдобро да го користи во нападот.
Португалецот сега реши да ги прокоментира сите овие анализи и даде еден од најдолгите одговори откако го превзеде кормилото на Манчестер јунајтед.
„Пол е голем професионалец, немам никакви замерки за ова. Работи напорно секоја недела, обожава да тренира. Не сум имал ниту еден проблем кога е во прашање неговата професионалност. Тој е еден од оние момци кои обожаваат да тренираа и уживаат во тренинзите” – вели Жозе Мурињо.
„Што се однесува до неговата најдобра позиција, добро се изнасмеав во неколку наврати изминативе денови. Имав прилика да слушнам, да погледнам и да прочитам што имаа да кажат стручните коментатори. Не сум Англичанец, но мислам дека доволно добро разбирам англиски за да знам што мислите кога велите „бокс ту бокс“ (термин кој на „Островото“ се користи за играч кој е одличен и пред својот шеснаесетник но и пред противничкиот шеснаесетник)”.
„Но збунет сум поради дел од коментарите. За мене, „бокс ту бокс“ значи да бидеш добар пред едниот шеснаесетник и да бидеш добар пред другиот шеснаесетник. Тоа значи дека треба да се браниш добро кога си пред својот шеснаесетник. Мораш да имаш кондиција, желба, интензитет, издржливост да трчаш од еден до друг шеснаесетник. Треба да бидеш добар и во противничкиот шеснаесетник, да постигнуваш голови, да асистираш да разигруваш. Кога вашиот тим ќе ја загуби топката, морате да се вратите пред сопствениот шеснаесетник. Мислам дека ова е значењето на „бокс ту бокс“ играч. Но оваа недела малку се збунив кога луѓето објаснуваа дека „бокс ту бокс“ играчот бил ослободен од задолженијата во одбрана. Но тоа не е „бокс ту бокс“ играч. Или јас не разбирам или овие луѓе не знаат што зборуваат”.
„Оваа земја има произведено голем број на извонредни „бокс ту бокс“ играчи. Сум имал задоволство да тренирам некои од нив, но изгледа во денешно време, одредени стручни коментатори, агенти па и членови на семејството сакаат да го променат значењето на изразот „бокс ту бокс“. Очигледно сега има различен концепт. „Бокс ту бокс“ не е мој збор, прв пат слушнав за него кога пристигнав во Англија во 2004”.
„Во мојот речник го има зборот фудбалер од средниот ред, и за мене Пол Погба е фудбалер од средниот ред. Не е лев бек, ниту пак напаѓач. Па кога луѓето прашуваат која е најдобрата позиција на Пол, јас велам средниот ред. Не е важно со која тактика и каков систем игра тимот, тој секогаш ќе биде фудбалер од средниот ред. Помеѓу мене и Пол нема конфузија. Тој е фудбалер од средниот ред и точка. Тешко е да најдете фудбалер од средниот ред кој има поголем потенцијал од Погба. Пол има сè”.