Адвокатот на експремиерот Никола Груевски и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Боро Тасевски, од судот побара 8-те бомби да не бидат доказ во постапката за „Тенк“. Четири од нив биле јавно објавени пред СДСМ да ги предаде на Обвинителството, односно биле објавени на Јутјуб и како такви, според адвокатот Димитар Дангов, тие докази се контаминирани и како такви судот не смее да ги изведува.
ЦД-ата за аудио-снимките според Дангов се де факто материјални докази, но претставуваат вербални докази. Обвинителот Стевчо Донев од СЈО рече дека обвинетите имале време за увид и препис на доказите и во време на истрага, а и сега допопнително. Донев се повика на решението на Апелациониот суд дека бомбите се доказ во кривичната постапка
Судијката го опомена Груевски да не дофрла од место кога не му дала збор, откако претходно тој кратко го искоментира барањето за издвојувањето на бомбите како доказ. Адвокатите бараат СЈО да докаже дека е надлежно да постапува по предметот. Обвинителката Ленче Ристоска се повика на оценката за обвинението на судот донесено лани во ноември. Таа рече дека за тоа дали бомбите ќе бидат доказ, судот може да утврдува во главна расправа во доказната постапка.
Во предметот „Тенк” се обвинети Груевски, Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.