Во интервју за грчкиот весник „ЕТНОС“ со наслов „Нација со лева ориентација“ објавено на 4 февруари 2018, Стојан Андов вели дека Грција и Македонија се блиску до некое решение за спорот за името, кое ќе функционира. Во продолжение ви го пренесуваме интервјуто во целост:
Да не го пропуштиме денешниот позитивен момент и добрата клима која ја создадоа Алексис Ципрас и Зоран Заев со цел да се изнајде решение на спорот за името“, предупредува стариот борец од ПЈРМ Стојан Андов, прв претседател на Собранието на ПЈРМ во шест последователни години, еден од оние кои имаа силна улога во создавањето на Времената спогодба (1995), тогаш и близок соработник на Киро Глигоров. Бил 11 години сојузен министер во СФР Југославија. Исто така, бара да постои ладнокрвност од двете страни и да се изолираат националистите.
„Неделен ЕТНОС“ го посети 83-годишниот „волк“ во улицата „Јуриј Гагарин“, во една монтажна куќа во која е седиштето на „Либералната партија“, кое се наоѓа малку подалеку од видоизменетиот центар на градот кој го измисли националистот, поранешниот премиер Никола Груевски. Г-динот Андов избегнува да се движи, меѓутоа со голема чест прифати да ни зборува за многу нешта без да се воздржува или да нѐ ограничува и на културен и мудар начин, иако ретко прифаќа панел дискусии на некои медиуми.
„Блиску сме од било кога до некакво решение што ќе функционира“. И двајцата министри работат прилично методолошки врз проблемот. Треба да се вратиме на Времената спогодба, да ја препрочитаме и да ја ставиме во функција, вели тој и не одбегнува да потврди дека постоењето на кризата е резултат на односите меѓу политичките водства и во двете земји.
„Не е добро обмислено тоа околу референдумот од страна на премиерот Зоран Заев“, вели Андов, мислејќи на она што го рече на почетокот на неделата премиерот на ПЈРМ, но проценува дека „го спомнал како последно оружје доколку не може да поминат некои работи во преговорите“. Самиот Андов смета дека е доста добро, доколку таквиот договор помине низ двата парламента, и тоа да се случи во исто време и во двете земји. „Во Скопје постои мнозинство и Договорот би поминал позитивно“.
Од друга страна, смета дека некакво решение–пакет, кое го заговара грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, нема да може да биде прифатено во парламентот на неговата земја.
„Сметам дека тоа тој го направи заради јавното мислење на внатрешен план и секако, во пресрет на протестите во Атина. Сака да му се приближи на дел од јавното мислење и да смири еден дел кој се плаши. Доколку се случи истото и во ПЈРМ, тогаш ќе се запалат страстите и ќе се изгуби единствената шанса. Потребен е мир, а ценети и неизвалкани личности да излезат и да ѝ објаснат на јавноста што всушност се случува“, вели Андов.
Во центарот на неговите размислувања е националистичката политика на поранешниот премиер Никола Груевски, кого го категоризира дека „ја одведе земјата во изолација како на економски, така и на политички план. Постои нешто што беше враќање што беше видливо. Таа негова позиција нѐ одведе до безизлез кој денес го плаќа земјата. Граѓаните тоа го разбраа. Нема потреба да се спречкаме со Грците како што Груевски го направи со неговата политика“, вели Андов и нагласува „Градоначалникот на Скопје веќе има формирано специјални комисии заради промена на имињата на улици, како и за преуредување на местата на спомениците. Се разбира, не сметам дека е лесно и реално да се преместат и извадат спомениците од центарот на градот“.
Неговото размислување за наследникот на Груевски, Христијан Мицковски, новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е дека дал знаци според кои сака да се соочи со прашањето со поголема умереност. „Инаку, на ТВ каналите и другите медиуми во дебати се појавуваат партиски функционери кои застапуваат една губитничка позиција. Неговиот потез да се сретне со Могерини на почетокот на неделата, е за да изјави дека неговата партија е подготвена да поддржи еден договор и тоа покажува дека ПЈРМ ги ограничува националистичките потези. Атмосферата се менува и тоа се чувствува и во партиите. Дури и Груевски да опстои да биде националист за каков било договор, сметам дека еден дел од неговата партија ќе поддржи договор. Граѓаните сакаат да го направат следниот чекор, да влезат во ЕУ и НАТО и тоа се чини ќе го следи и опозицијата“, вели г-динот Андов.
Тој смета дека после промената на Владата во Скопје, национализмот покажува смирување и дека во нашето општество сите сфатија дека нешто треба да се менува. Смета и дека дека Западната заедница покажува решителност да оди со решение и излез, гаснејќи едно по едно од горливите прашања на Балканот.
„Денес се потребни смирувачки гласови и во двете земји“, вели стариот политички борец и не се воздржува да упати порака до грчките политичари дека „Некој треба да му објасни на Киријакос Мицотакис, да ги види работите на мирен начин и да ги затвори ушите и да не ги слуша национал-патриотските гласови. Многу е значајно каква крајна позиција ќе заземе“, вели Андов и ја изразува неговата загриженост за последиците и настаните кои се одвиваат и во двете земји. „Доколку не се изолираат националистичките извици во Грција, тогаш тонот и во Скопје ќе се засили“.
Г-динот Стојан Андов, како што вели, го следи Јанис Бутарис, градоначалникот на Солун во неговите изјави. „На извесен начин и тој се мобилизираше да помогне во изноѓањето излез од проблемот и како што изгледа, тоа добро му успева. Меѓу другото, не заборавајте дека Солун е првиот град кој нашите најмногу го посетуваат. Некои одат на шопинг, некои за да си завршат некои работи и за бизнис. Тоа е една вистина и во пракса ниту еден политичар не може да ја промени“, вели соговорникот Андов.