12.8 C
Skopje
Friday, July 11, 2025

Град на сенки

Од каде да започнам? Од конзулите, од клавирите, од Широк Сокак, од песните, од чаршијата, од Саат кулата, од Виа Игнација…? Доволно е само да се сетам на вревата од Широк Сокак…

Што направивте со мојот град? Одамна ја нема повеќе таа врева, ја нема повеќе Дембел Чаршија која опстојуваше во свое време на своја локација, ги нема насмевките на лицата и шегите на туѓа и своја сметка кои одеа како локум со кафето… и кафето повеќе не е ритуал, немам ништо против никого, но барем извадетего „лајчето“ од устата и помалку ќе се познавате дека не сте оние кои знаат што е кафето на Широк Сокак, оние кои ги протеравте од мојот град.

Зарем политичарите не треба да бидат сервис на граѓаните? Колку гарнитури се променија, можеби дел беа и истите но во различна боја и полека но сигурно од “стотка” станавме “пееска” која во бељотот не врви пред стотката. И никој не го засега за моите роднини и пријатели кои ги протеравте… за мојот град, за спортот во него, за најдобриот театар, за музиката која ја творевме, за душата која живееше 24 часа. Нема ли некој да сноси одговорност или упорно ќе се менуваат истите за сметка на глупавоста и грешките на претходните? Нема ли некој да сноси одговорност за тоа што не се погрижил да се намали бројот и на оние кои ги протеравте од овој свет? Тие никогаш нема да се вратат и уште повеќе ми недостигаат. Е само на тоа поле направивте напредок…

РЕК Битола пред избори загадува, а потоа се се сведува на математика и тендери и никој не го интересира дека на капијата од тој истиот РЕК се менуваат некролозите како сликички во албум за светско првенство, дека тој истиот РЕК е на сред житницата која ја храни целата држава, дека мојот град стана град со најголем број на канцерогени заболувања, дека мојот град ја пиеше најубавата вода и истата таа вода пред извесен период се слушна дека е канцерогена по некое истражување на некој странски институт… но тогаш беа опозиција, а по промената како и обично никој повеќе не го интересираше ни за водата, ни за воздухот, ни за моите роднини и пријатели, а најмалку за мојот град…

Автор: Благојче Трајковски, член на ИК на ГДУ

Извор: Трибуна.мк

поврзани објави

     

Последни објави