Рикардо Кака пред извесно време одлучи да стави крај на својата играчка кариера, а и покрај тоа што Бразилецот може да биде прездоволен од тоа што го оствари на спортски план, и самиот е свесен дека повредите го спречија да има дополнителен блесок.
Повредите му го свртеа грбот на Кака кога се очекуваше да го има најголемиот прогрес во кариерата, односно во моментите кога ја освои „Златната топка“ и откако направи трансфер во Реал Мадрид кој се покажа како доста скромен за него. Поранешниот бразилски репрезентативец и најдобар играч во светот без разлика на епилогот, со добри спомени се сеќава на своето време минато во Мадрид, а сега своето лошо искуство го искористи за да му испрати искрена порака на Герет Бејл кој поради честите повреди навистина многу потсетува на неговиот случај.
– Го разбирам патењето низ кое минува Бејл, но тој оствари многу поголеми успеси од мене во Реал, освои три титули во Лигата на шампионите. Направи големи работи во Реал, а јас можам само да му кажам да има големо трпение со самиот себе. Веќе го има непотребниот притисок од јавноста, од публиката, но и од соиграчите. Да, соиграчите те поддржуваат, но кога гледате дека тие тренираат на највисоко ниво, а вие не можете, се обидувате да ги следите. Под таква пресија, се случуваат лоши работи. Мора да го неутрализира таквиот притисок и да се насочи кон самиот себе. Никој не е имун на повреди, на секој може да му се случи нешто лошо. Кога ви се случуваат почесто и почесто, почнувате да се сомневате во себе и тогаш почнувате да играте против самиот себе. Тој треба да го спречи тоа, најголемиот непријател на фудбалерот може да биде самиот тој на себеси, – вели Кака во интервјуто за „Марка“, во кое додава дека Бејл не треба да трага по тоа каде згрешил со повредите.
– Многу е тешко да се дознае каде грешите. Јас со години барав од каде потекнуваат моите повреди и на крај полудев. Сакав да ја откријам причината и никогаш не го дознав за тоа по што трагав. Почнав да ја барам причината на помалку луд начин и почнав дезорганизирано да тренирам. Не можев да сфатам зошто моето тело ми велеше дека не може да издржи. На крајот добив индивидуална помош од мојот лекар и пријател, Турибио Леите и со негова и помош на неговите соработници можев повторно да се вратам на највисоко ниво, – открива Бразилецот.
Извор: Дерби.мк