3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Грев ли е, аир ли е, Македонија имала 10 Боневи Силваневи!

Времето поминува, а што би рекол новиот Претседател на ВМРО-ДПМНЕ: Животот никако да дојде! Не дека тој беше дојден и кога тие беа на власт, дури на чело на партијата беше неговиот претходник Никола Груевски, но критичарите и плукачите кои изминатите 11 години се жалеа на режим, на лоша економска политика, кои обвинуваа за секое едно задолжување, кои креваа врева за секоја една грешка на власта, кои ветија слободни медиуми, правда, мир, економска благосостојба за сите никако да научат од грешките од претходната власт и уште пожестоко и безобразно продолжуваат да ги повторуваат истите!

Па така, силно убеден сум дека сите од нас добро се сеќаваме на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, или што би рекол Сашко Коцев, Силванева Бонева, која од џебот на граѓаните земаше огромни суми на име на патни трошоци, а за истото тоа беше медиумски растргната од медиумите кои беа критички настроени кон власта, како и од целокупната јавност во која имаше лавина од реакции и коментари, но и критики упатени токму на адреса на пратеничката Бонева!

Поголем дел од критиките за недомаќинското трошење на Бонева на парите на граѓаните на Република Македонија доаѓаа од Бихаќа, поточно од пратениците на СДСМ кои секојдневно држеа прес-конференции на кои мафтааа со листови хартија во кои ни покажуваа колку Бонева била безобразна и како тоа има пари за нејзино “луксузирање“, а нема пари за инфраструктурни проекти, за реконструирање на студентски домови, за подобро здравство, за поголеми плати итн итн..

Арно ама, драги мои, истите тие „домаќини“ кои внимаваат на тоа каде се трошат народните пари, кога седнаа во фотелјата на Бонева, од позиција на власт некако како да заборавија што зборувале во минатото и наеднаш од толку многу “внимавање“ за трошењето на нашите пари решија да постават рекорди во исплатени патни трошоци за пратениците, односно за само девет месеци добиле по неверојатни 11, 800 евра, или месечно приближно околу 1330 евра.

Пресметката на превозот и патарините покажала дека минатата година пратениците го чинеле државниот буџет околу 470 илјади евра односно приближно пола милион евра!

Еден пратенички мандат трае четири години. Според потрошените суми, за четири години овие пратеници би зеле од 48 – 50 илјади евра само за патни трошоци. И додека овие кои со себе го носат животот, а покрај него и 50 илјади евра само за патни трошоци во своите домови, како да се заборавија и изгубија во просторов и времево, па мислеа дека нели, народот е слеп и глув и ќе молчи. Нели, молчеше 11 години, па сега зошто не би молчел на другиве „глумци“ можеби дури и повеќе?

За да не биде дека залудно ги трошат своите (народни) пари, еве еден добронамерен предлог од мене за нив. Потрошете барем еден мал дел од тие 50 илјади евра во донации за луѓе на кои итно им е потребно лекување, а немаат финансиски средства за истото!

Така, можеби и ќе ја „намалите“ вашата вина и ќе имате и образ да се појавите пред оние на кои им ветувавте брда и долини само да ги стокмите вашите задници во удобните фотељи!

Пишува: Благојчо Петровски

поврзани објави

Последни објави