Трибуна: Г-неПендаровски, кои се Вашите ингеренции како национален координатор за подготвка на Македонија за членство во НАТО? Колкаво е Вашето поле на делување?
Стево Пендаровски: Елементите кои ги дефинираат рамките на мојот нов работен ангажман се содржани во самото име: координирање на напорите кои ги преземаат сите надлежни институции на територијата на Република Македонија за подготовка на земјата за членство во НАТО. Тука сакам да нагласам дека мојата позиција не е замислена да биде замена за министерствата и другите институциите кои веќе придонесуваат за нашето асоцирање кон НАТО, туку, просто, да биде надополнување на севкупниот ангажман кој го правиме како држава на тој план. Ваквото засилување на овој, да го наречам, национален НАТО тим е особено важно во првите шест месеци од оваа година кога влегуваме во период во кој имаме шанса, конечно, да ја реализираме едната од двете најважни стратешки цели.
Трибуна: Каде се наоѓа Македонија на патот кон НАТО? Дали името на нашата земја е единствената пречка за нашата интеграција во Северноатлантскиот пакт?
Стево Пендаровски: Спорот за името беше единствената пречка за интеграција во далечната 2008-та година, кога беше споменато во таков контекст во завршното коминике на самитот во Букурешт. За жал, во меѓувреме, како што на внатрешен план се развиваше авторитарниот режим на Груевски, така Македонија полека, но сигурно ги губеше своите пријатели и поддржувачи во Алијансата и од само една земја која во 2008-та беше експлицитно против нашето членство, неколку години подоцна, дојдовме до тоа да имаме само една членка (Турција), која беше експлицитно на наша страна. Најдобра илустрација за нашето огромно назадување дава завршната декларација од самитот во Варшава во 2016-та, каде што се вели дека длабоката политичка криза ја има оддалечено Македонија од базичните вредности на Алијансата. Таков квалификација за состојбите ние немаме добиено од Брисел ниту во 2001 година.
Трибуна: Колку и го отежна/олеснa патот на Македонија до НАТО, претходната владејачка гарнитура, бидејќи како што знаеме на средбата во Букурешт во 2008 година, единствен проблем за нашиот влез во организацијата беше нерешениот спор за името со Грција?
Стево Пендаровски: Без претерување, штетите кои предходната гарнитура ги направи врз сопствената држава и народ имаат историски пропорции. Од бруталниот режим не настрадаа само нашите евроатлантски аспирации и меѓународната позиција на земјата, туку и демократскиот развој и благосостојбата на граѓаните што повратно влијаеше врз првото. Кога тандемот автократи на власта прислушкуваше над 20.000 свои граѓани не можеше да стане ниту збор за влез во колективен безбедносен систем. Ако шефот на контраразузнувачката служба ги прислушкува министрите за внатрешни работи и финансии тоа говори не само за недостаток на демократска контрола врз еден од највиталните државни системи, туку и за некомпетентноста на високи функционери кои наместо да ги следат безбедносните закани врз земјата ја прислушкуваат опозицијата или своите колеги во владата. Моја проценка е дека за санирање на политичките, економските и менталните последици од режимот ќе ни треба многу повеќе време отколку што траеше нивното вледеење, се разбира, ако при тоа, настапуваме со консеквентни политики при нужната деконтаминација на македонската политика, правосудство, администрација и медиуми.
Трибуна: Дали постои политичка волја за департизација на безбедносните служби? Ќе успее ли Македонија да се „исчисти“ од кадрите, кои за жал сѐ уште како да живеат во времето на Студената војна?
Стево Пендаровски: За жал, тоа прашање никогаш не доби приоритет во нашето три децениско транзитирање кон демократија. Дури по целосниот крах на службите и двата извештаи на Прибе тоа стана не само внатрешен политички приоритет, туку еден од основните критериуми за приближување кон ЕУ. Во овој момент кај Владата постои неспорна политичка волја за реални реформи во тој сектор, но, крајните ефекти, во помал степен, ќе зависат и од два други фактори. Прво, од притисокот за промени на меѓународната заедница, но и од отпорот во спротивна насока на поединци во тие служби кои не работат за својата држава и кои се врзани со структури кои не сакаат да ја видат Македонија свртена кон западот.
Трибуна: Дали воопшто може да се говори за некаква алтернатива за гарантирање нанашата безбедност, освен влезот на нашата земја во НАТО?
Стево Пендаровски: Во животот за секое прашање секогаш постои повеќе од една опција и таа теза, во принцип, не можете да ја оспорите. Вистинското прашањето е дали алтернативните решенија го имаат истиот квалитет како и вашиот прв избор? Во таа смисла, безбедносни алтернативи за нас има најмалку две: да прогласиме неутралност и со сопствени сили да го штитиме суверенитетот или да се приклучиме кон неколку евроазиски регионални организации предводени од Русија и Кина. Во првата опција имаме живеено точно 30 години како дел од Движењето на неврзаните и за тој анахрон реликт од Студената војна, кој инаку е се уште жив, не би трошел зборови. За втората варијанта, аргументите се тенки. Имено, тие,претежно азиски земји се географски подалеку од нас, а нивната внатрешна кохезија не е на потребното ниво заради внатрешните ривалства на клучните членки. Но, според мене, круцијалната разлика во однос на НАТО е во тоа што тие организации не поставуваат никакви предуслови за влез, за разлика од НАТО кој инсистира на почитување на демократските вредности и низ таа призма ги проценува земјите-кандидати. Да заклучам: ако Македонија не стане членка на НАТО таа нема да се распадне ниту пак некој ќе ја окупира, но, со членството, нејзината иднина ќе биде попредвидлива, а нејзиниот политички систем и општествено уредување далеку по демократски.
Целото интервју ОВДЕ