Mеѓународната заедница од една страна бара владеење на правото во Македонија, а од друга страна ја игнорираат одлуката на судот и фактот дека повеќето од земјите-членки на ОН го користат терминот Република Македонија. Срамно!
Таканаречениот спор со „името“ кој на Република Македонија ѝ го наметна јужниот сосед, Хелинистичка Република Грција е билатерално прашање меѓу Скопје и Атина кое трае од 1991 година, кога се распадна Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а оттогаш влезот на Македонија во Обединетите нации и другите меѓународни тела се одложува поради силното противење на Грција, на која едноставно не ѝ се допаѓа како Република Македонија се нарекува себеси.
Причините кои ги наведува Грција дека името всушност претставува територијална претензија кон Грција не е ништо повеќе од параван аргумент со кој се тврди дека Македонија е грчка и оти била грчка во последните 3.000 години. Ова е интересно тврдење од т.н. лулка на демократијата, бидејќи го игнорира фактот дека во античкиот свет не постоела држава по името Грција и по падот на Византија, па до Отоманската империја во 1453 година, голем дел тоа што денеска се нарекува Грција бил под османлиска власт, што траеше до 1821. Дури во 1912 година, за време на Балканските војни, Грција со употреба на воена сила успеа да присвои дел од историска Македонија, која беше дел од Отоманската империја.
Ирационалниот спор ескалираше до највисокото ниво со меѓународно посредство, вклучувајќи ги големиот број обиди на амбасадорот на Обединетите нации, амбасадорот Метју Нимиц и други посредници за да се постигне задоволителна резолуција за взаемно прифатливо решение. Поставувам тешко прашање, а тоа е, дали навистина постои загриженост од реална закана за Грција или пак станува збор за, како што ние Македонците го нарекуваме, „инает“ на Грција да го претставува ова како проблем на меѓународната сцена само затоа што ѝ се може и затоа што останатите, од која било причина избираат да слушаат такви митолошки аргументи.
Меѓународниот суд на правдата
Една од главните реформи кои меѓународната заедница во 1991 година ги побара од новата македонска демократија, беше владеење на правото во Македонија, па согласно овој принцип во ноември 2008 година, Македонија поднесе тужба против Атина пред Меѓународниот суд на правдата на ОН (МПС) за „флагрантно кршење на (Грција) обврските од член 11 на Времената спогодба која двете страни ја потпишаа на 13 септември 1995 година“. Наводната повреда се однесуваше на блокадата на Атина на кандидатурата на Македонија за членство во НАТО.
Судот ја донесе својата пресуда на 5 декември 2011 година. Во својата пресуда, која е конечна, без можност за жалба и е обврзувачка за двете страните, МСП утврди дека: има надлежност да го работи овој случај; Република Грција, со противењето на приемот на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО ја прекршила својата обврска од член 11, став 1 од Времената спогодба од 13 септември 1995 година; ги отфрли сите други поднесоци од страна на поранешната југословенска Република Македонија.
Сега парадоксот на целиот овој аргумент изгледа како проблемот кој Џорџ Бернард Шо го нарекува „прави како што велам, а не како што правам јас”, бидејќи истата меѓународната заедница, особено во ЕУ и САД избра да ја игнорираат одлуката на МСП од разни политички причини .
Таа иста меѓународната заедница е апсолутен срам, бидејќи од една страна бараат владеење на правото во Македонија, а од друга страна избираат да ја игнорираат одлука на судот и фактот дека повеќето од земјите-членки на ОН го користат терминот Република Македонија. Јас секогаш сум на ставот дека ЕУ е неспособна да ги следи сопствените правила, бидејќи многу малку земји, ако воопшто има некоја, размислува европски. Единствената сила која може да ѝ помогне на Македонија во евроатлантските интеграции се САД.
Нема вистински проблем за посредништво
Имајќи го сето тоа предвид, останува да се одговори на големото прашање, а тоа е што Метју Нимиц може да направи за да им помогне на двете земји да го решат овој долгогодишен и нелогичен спор? Дали навистина постои проблем за кој е потребна т.н. меѓународна медијација? Одговорот е едноставен. Не постои вистински проблем за меѓународната заедница да посредува , бидејќи сите прашања за кои е загрижена Грција, а се однесуваат на знамето, уставот и името веќе се соодветно решени од Македонија. Амбасадорот Нимиц може да се повика на една статија, објавена во 2003 година од тогашниот лидер на опозицијата и сегашен британски премиер, г-дин Дејвид Камерон, кој во весникот „Гардиан“ го напишал следново: „Тоа не беше лесно.
Причината за долгото име е тоа што Грците велат дека Македонија постои како регион во Грција и поради тоа енергично се противат на постоење на одделна држава со исто такво име. Ова изгледа екстремно сурово. Грците имаат своја земја, свое име и се „тушираат“ со финансиска помош откако влегоа од во ЕУ. Овие луѓе – Македонците – неодамна побегнаа од комунизмот и практично немаат ништо. И, како да не е доволно грчкото ситничарство, Албанците сакаат да присвојат голем дел од ПЈР Македонија за формирање Голема Албанија, додека Бугарите гледаат на земјата како дел од Голема Бугарија.
Сепак, колку што можам да видам, земјата – за која сум одлучен да ја нарекувам Македонија – има совршено право да постои. Населението е претежно македонско, со специфичен јазик, култура и историја. Тоа е посиромашно од некои другите поранешни југословенски републики, но значително побогато од Албанија. Луѓето се цивилизирани, пријателски настроени и високо образовани. Дури и мојот водич имаше магистратура.
Секогаш е тешко да се даде одговор на прашањето: „Што ќе направите за да ни помогнете?“ Но, во оваа прилика, имам одговор. Отсега па натаму нашиот ценет ЕУ партнер ќе го нарекуваме „Поранешна отоманска територија Грција“.
Г-дин Нимиц, исто така, може да се повика на изјавата на поранешниот државен секретар, г-дин Лоренс Иглбергер
„Земјата која сега се нарекува Македонија беше така нарекувана и во времето кога беше република во рамките на поранешна Југославија. Дали овој факт своевремено доведе до било какви недоразбирања меѓу Грција и Југославија или меѓу Грција и тогашната југословенска Република Македонија? Не! Иако недоразбирања постоеле и тогаш, немало закана за безбедноста или за каква било нестабилност во регионот, не постои ништо понезрело и поглупо од тоа да се држи една држава како заложник и да и се негира правото на членство во меѓународните организации, чија цел е да се зачува мирот и да се заштитат членките од можна агресија од оние кои не се членови. Грција вели дека Македонија и Александар Велики се нивни. Ова е погрешно, бидејќи античките Грци гледале на античка Македонија како на полуцивилизиран регион”
Амбасадорот Нимиц ги има следниве опции:
Да го советува Советот за безбедност на ОН дека овој проблем започна со следните три грчките барања; промената на знамето, промена на уставот и промена на името на Македонија. Македонија го смени знамето и го промени Уставот за да се спречи грчката загриженост, што значи дека две од три барање беа директно одговорени од Македонија, а третиот, стравот за безбедноста на Грција во врска со името Македонија, беше регулиран со амандманите во македонскиот Устав. Името Македонија не имплицира никакви територијални претензии затоа што е спротивно на македонскиот Устав, а безбедноста на Грција е загарантирана со нејзиното членство во НАТО и систем на западната алијанса.
Грчката алергичност на терминот „македонски“ и „Македонија“ треба да се забележи и прогласи како прашање со кое Грција ќе мора да научи да живее, како што беше и претходно наведено од уште еден голем Американец, поранешниот државен секретар Ричард Холбрук.
Од 1991 година па досега, немало безбедносна закана за Грција од страна на Република Македонија, ниту пак за време кога Социјалистичка Република Македонија беше дел од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Поголемото мнозинство на земјите-членки на Обединетите нации го прифати името на државата како Република Македонија.
Дозволете ѝ на Македонија да стане член на НАТО, со што ќе се зајакне безбедноста на Грција, а тогаш Грција ќе има само две опции, да остане во сојузот или да ја напушти алијансата, но тоа е избор кои тие ќе мора да го направат.
Постојат многу други билатерални проблеми во светот, но тие не се користат како изговор за блокирање на влезот на една земја во други меѓународни тела.
Македонија и Грција се согласија дека не се согласуваат за прашањето на идентитетот.
Бизнис и трговските односи меѓу Македонија и Грција се одлични, а Грција е најголемиот странски инвеститор во Македонија.
Нема за што друго ОН да посредуваат, кога МСП утврди дека името Република Македонија, кое е прифатено од поголемиот дел од земјите-членки, не имплицира територијални претензии кон Грција.
Зоран Ќосески, почесен конзул на Република Македонија во Перт – Австралија