Се сеќавате ли на протестите од 1997 година…? Тогаш се протестираше против наставата на албански јазик на Педагошката академија во Скопје. „Во Македонија на македонски“ беше еден од слоганите на тие протести, на кои изгреа ѕвездата на Филип Петровски, но не тој е темата на овој напис. Мојата покојна сестра беше учесник на тие протести, тогаш 20- годишна студентка на Филозофскиот факултет. Таа не го дочека донесувањето на Законот за јазици… а можеби и ние немаше да го дочекаме, ако во далечната 1997 година не се кренеше толкава фама околу албанскиот јазик на Педагошка. Можеби???
Можеби денеска Груевски немаше да изиграва патриот готов да дели боксови „во одбрана на уставноста“, ако работите во Македонија беа поставени по различен начин уште по прогласувањето на независноста на државата во далечната 1991 г.
Ако „шиптарите“ не беа оставени во „улогата“, што им ја додели Белград, можеби денес ДУИ немаше да работи во интерес на една агенда, што повеќе наликува на УДБ-ашка, отколку на проевропска. А народов клет, гледа и не знае што му се случува. Африм не знае каков бенефит ќе има ако во Делчево му се обратат на албански, не поради респектот кон него, туку поради законската обврска. Андон од Пехчево пак поима нема зашто во неговиот удрен од белата чума на иселувањето град, во општина ќе мора да има вработен и преведувач од албански. Африм и Андон се жртви, ама утре наместо да се борат заедно против нелогичноста на системот, ќе се борат еден против друг. За да се дотолчат.
Законот за јазици е на пат да ги направи херои, едни луѓе кои се најобични политички кукавици. Законот нема да подобри ништо во државата, ама сепак се донесе. По стара УДБ-ашка традиција- со сила и со тотален игнор. Кога велам игнор, не мислам на игнорираните пратеници собрани на купче кај поранешниот висок офицер на ЈНА, командант на ОНА и што ли уште не Талат Џафери, туку мислам на „прескокнатите“ како неважни реални проблеми на македонските граѓани. Мислам дека нема потреба да Ви објаснувам дека бебињата што умираат на Гинекологија, немаат и абер што е тоа двојазичност и дали се мачка на леб…
Театарот дами и господа интелектуалци продолжува. На никој не му е гајле за Вашиот интелект, слободно чувајте си го во фрижидерот до кутијата од сладолед во која има сарми. Главните актери довикуваат за тоа како некој ја „уништил“ државата, ама тој некој не е меѓу нив. Тие немаат време за такви активности. Тие патуваат и калапат патни трошоци, додека вие излегувате на протести или пак си седите дома, оти на протестите се ќе се најде некоја будала да извика: „За шиптари-гасна комора“. Се работи за нијанси на криворазбраниот патриотизам и за местото што Тие (главните актери во водевилот) вам Ви го одредиле, без разлика дали сте исплашени од албанскиот јазик – Македонци или пак навредени од „македонскиот национализам“- Албанци.
Сестра ми не го дочека законот за јазици, таа многу убаво зборуваше француски… Ние го дочекавме, ама како што тргнала работата, веќе законски „дефинираните“ јазици ќе ги зборуваат пензионерите, оти младите нема да бидат тука, туку некаде надвор далеку од ова лудило, барајќи си ја среќата и зборувајќи некаков сосема трет јазик различен од македонскиот и албанскиот… например англиски.
Автор: Атанас Величков