Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин за да разговараат за оружјето кое го произведува Русија, кое Трамп смета дека е „надвор од контрола“.
Денеска Доналд Трамп беше првиот лидер на земја од западниот свет кој официјално му ја честиташе победата на претседателските избори на Владимир Путин.
Додека денес во Белата куќа на посета беше саудискиот принц Мохамед бин Салман, медиумите повеќе беа заинтересирани за Доналд Трамп и неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин. Тој дури и одговараше на прашања кои го засегаа односот помеѓу Русија и САД, па најави дека средба со рускиот лидер ќе се случи побрзо од очекуваното.
„Ќе се сретнам со Путин наскоро, многу брзо. Сакам со него да дискутирам околу вооружувањето и производството на нови оружја на Русија, кое во моментов е надвор од контрола“, рече Трамп.
САД во моментов троши околу 700 милијарди годишно за производство на воените сили. Од тие, 640 милијарди се трошат на вооружување и одржување на војската, додека 60 милијарди се трошат на војните кои се водат во Авганистан, Ирак и Сирија.
„Нема да дозволиме некој да ни се доближи и ќе останеме најмоќната воена држава во светот“, додаде Доналд Трамп.
Тој рече и дека војската ќе има голем фокус и трошењето на пари ќе продолжи во оваа гранка, бидејќи сака неговиот американски народ да остане безбеден.