Нголо Канте игра на исклучително високо ниво и оваа сезона во редовите на Челси, а поради тоа што играчите од негов калибар и со неговите квалитети се поретки во модерниот фудбал, не чуди фактот што за неговите услуги пројавуваат интерес останатите клубови кои можат да си дозволат голем трансфер.
ПСЖ претрпе болен пораз од Реал Мадрид во Лигата на шампионите и најавено е дека на „Паркот на принцовите“ ќе има неколку значајни промени во претстојниот летен преоден рок, а покрај тренерската позиција која и тоа како е загрозена на Емери, најголеми се гласините за квалитетни засилувања во средниот ред.
Лидерот во Франција покажа голема слабост во средината во ситуација кога за противници имаше играчи како Крос, Модриќ и Касемиро, а поради своите квалитети и поради тоа што е Французин, Канте се најде на врвот на листата на ПСЖ за потенцијално засилување во наредниот летен преоден рок. Француските медиуми почнаа да го најавуваат сензационалниот трансфер за кој ПСЖ воопшто не планира да штеди, но барем засега, фудбалерот на Челси ги спласна шпекулациите испраќајќи јасна порака за неговата иднина.
– Јас во овој момент сум дома. Челси е мојот дом, мојот клуб. Се чувствувам како играч на Челси и така планирам да остане. Ова е мојата втора година во клубот, а после тоа што се случи минатата година во која ја славевме титулата, во втората искусивме како е да се игра во Лигата на шампионите. Сега нашата цел е да заршиме во топ четири, ќе се бориме за тоа до самиот крај. Исто така, важни ќе бидат натпреварите и во ФА купот. Минатат сезона загубивме во финалето, но сега тоа ни е единствениот трофеј кој ни преостанува и ќе дадеме се за да го освоиме, – вели Канте кој со оваа изјава јасно стави до знаење дека нема по своја желба да го напушти „Стемфорд Бриџ“.
Извор: Дерби.мк