13.8 C
Skopje
Saturday, October 26, 2024

Поздрав до првиот дипломат на Јужната туристичка дестинација

Г-не Коѕијас, јас сум свесен дека сон не ве фаќа од иредентизмот на граѓаните на Северната пријателска земја и одд нивните претензии за некакво Солунско поле и разноразни тераси од кои еден друг Егеец по име Гоце Делчев ја повикува својата раса. Вие сте писмен човек, Вашата ценета од мене држава се гради од исто така писмени луѓе (за разлика од Вас, ние не можеме да се пофалиме со истото) и самите сте свесни дека стравот од Северната пријателска земја и нејзиното уставно име нема никаков основ.  Да, би требало да почнете со изградбата на споменикот на Никола Груевски, кој им даде материјален изглед на Вашите стравови за „северните“ претензии, ама ова време заврши. Кој и да дојде на власт после „предавникот“ Заев, проектот „Дајте им асови во ракавот на Грците 2014“ нема да продолжи. Други времиња дојдоа. Пријателски.

Денеска прочитав дека помеѓу Вас и министерот за надворешни работи на Северната пријателска земја имало хемија. Тоа е прекрасно!!! Ама како да имате физичка болка кога се спомнува терминот Македонија, а таа не е само Ваша. Свесен сте за тоа нели? Вие и Вашата земја не можете да имате монопол врз нешто што не Ви припаѓа само вам. Едноставно е како формулата за хемиското соединение на водата- два атоми водород и еден атом кислород (H20). Ете таа основа во хемијата, за жал, никако не успева да не спои.

Еден од најголемите македонски револуционери Дамјан Груев (не е Егеец, како оној што го спомнав претходно) зборува за ужасниот крај како посакувана алтернатива на бескрајниот ужас. Преговорите за името на Северната пријателска земја, како што ја нарекувате Вие мојата Македонија, се токму тоа еден ужас што трае веќе 25 години и е време да заврши. Тие преговори веќе доволно долго време ја понижуваат мојата Македонија, а ги терат и вашите претставници на меѓународно ниво без разлика во која сфера се изјавуваат да прават разноразни егзибиции. Време е лудилото да заврши, НО со паметните идеи како „Горнамакедонија“ и инсистирањето тие небулози да влезат во Уставот на мојата Македонија, тоа нема да се случи скоро. А тоа според мојата скромна маленкост е страшно.

Ве поздравувам Вас, првиот дипломат на Јужната туристичка дестинација и се надевам дека ќе дојде ден кога овие небулозни кованици со кои ни се обраќате ќе останат во минатото. Ајде да ги оставиме граѓаните на Вашата Северна пријателска земја и моја Македонија кога Ви доаѓаат на гости, целосно да уживаат во убавините на Вашата земја и уште поубавата кујна. Армија што уште се покрива со ќебиња од ЈНА и има ужасна потреба од подновување на гардеробата не е, и не може да биде закана. Свесни сте за тоа, ама за жал се правите мутави. Не ви стои на државничките традиции, ама ај да не ви се мешам. Вие си знаете.

 

Автор: Атанас Величков/Батко Тане/

Извор: Трибуна.мк 

поврзани објави

Последни објави