14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

„Неки нови клинци“

Постои една прекрасна песна од Џорџе Балашевиќ која се вика “неки нови клинци“, а која ја пресликува моменталната политичка сцена во Република Македонија.

Разликата е што во овој контекст тие три букви “неки нови клинци“ ќе бидат под наводници бидејќи тие и навистина не се всушност нови, иако, сакаат да глумат дека се некакво освежување на македонската политичка сцена. Тие нови клинци денеска се подостарени мажи и жени, некои со различен стил на облекување или на фризура од минатото, други со побелена коса, трети со дијаметрално различни ставови од оние кои ги имале до пред само година дена кога биле во владејачките фотељи. И сите овие, сега се загрижени политички претставници кои секојдневно се обидуваат да не убедат дека се што ветила оваа влада била само една изборна лага. Па, слушаме критики за владата во однос на младите, не се правело ништо за задржување на младите во државата, а младите уште повеќе се иселувале, немало добар младински стандард, немало повисоки плати, критики за влошување на состојбата во економијата, државата била пред банкрот за само пет месеци владеење на СДСМ, трошење на парите на граѓаните на ветер и магла итн итн…

Си читам јас така и се обидувам да ги поврзам зборовите ветер, магла и пари со зборот “споменик“.
Да, да! И така, ми се појавува едно двоумење од кое прозилегува ново прашање: Како луѓето кои потрошија милиони народни пари во споменици и склуптури сконцентририрани во центарот на главниот град, денеска критикуваат за трошење на нашите пари во ветер и магла? Нејсе. Можеби заборавиле дечките кој и како ги трошеше парите во минатото! И да. Ќе се согласам со овие клинци дека владата на СДСМ навистина бавно оди со реформите, барем оние кои се однесуваат до реалниот живот на обичниот граѓанин, оние кои навистина ја засегаат економската благосостојба која ја ветуваа за секој еден граѓанин на оваа наша мила и напатена татковина. Но тоа не значи дека нема да се согласам и со тоа дека СДСМ води одлична надворешна политика, отворена политика кон нашите соседи, одлучно и храбро кон патот на ЕУ и НАТО. Тоа не значи дека нема да се согласам со Заев или било кој друг политичар од СДСМ кога ќе каже – Вие немате право да критикувате! Да, вие кои сега сакате да ни се претставите како некои нови клинци немате право да зборувате за економијата, немате право да зборувате и критикувате за младите, здравството, образованието, или било што друго!

За сето ова може да критикува вашиот Претседател Христијан Мицкоски, Потпретседателот Митко Јанчев и уште неколкумина кои можам да ги набројам на прсти, а кои верувам не се толку виновни и не учествувале во таа голема кражба и узурпација на македонското општество од неколкумина властодржци во тоа време на чело со Никола Груевски.  Клинците кои единаесет години климаа глава на секоја наредба на шефот Груевски и кои ја спроведуваа секоја негова аздисана желба немаат никакво право да глумат лудило како тие сега се загрижени за нашата економија, здравство, образование, име, или било што друго. Едноставно, имавте шанса, не ја искористивте!

Затоа терминот „неки нови клинци“ треба да биде прифатен во ВМРО-ДПМНЕ, на партијата навистина и се потребни некои нови деца. На партијата не и требаат слепи послушници на Никола Груевски! ВМРО не е Никола Груевски! ВМРО е поголемо од едно име и презиме, на човек кој има зад себе десетици покренати обвиненија! Затоа, Претседателе Мицкоски на Вас е да одлучите! Вие ја имате најголемата наша поддршка, онаа на вистинските и искрени членови на оваа партија! Расчистете со Груевски! Со секое негово појавување во јавноста, криејќи се зад четирите свети букви ВМРО тој ви носи се поголема штета на Вас и вашето раководство. Бидете храбар, бидете одлучен. Преку расчистување на внатрепартиските редови од луѓе веќе немаат никаков политички кредибилитет и авторитет кај народот, Вие, ќе донесете правилна одлука за партијата, но и за Македонија! Вашата задача е големо обединување на ВМРО, но со вистински вмровци, вистински десничарски политики и пред се, вистинска вмровска идеологија!

 

ИСКРЕН ПАТРИОТ, ДЕСНИЧАР И ПОЧИТУВАЧ НА ДЕЛАТА НА ВМРО ЗА МАКЕДОНИЈА!

 

 

Пишува: Бранко Димитровски

поврзани објави

Последни објави