Mинистерството за надворешни работи на Република Бугарија го поздрави навремено објавување на пакетот “Проширување” на Европската комисија и извештаите за напредокот на одделните земји. Овие документи се исклучително важни за успешното реализирање на целите на Бугарското претседателство на Советот на ЕУ во однос на земјите од Западен Балкан, имено постигнување на конкретни чекори во нивната европска интеграција.
„Особено сме задоволни од препораките на ЕК за започнување на преговори со Република Македонија и Албанија. Премиерот Бојко Борисов, владата и дипломатската служба на Република Бугарија работеа за тоа во последните месеци.
Ние силно ги поддржуваме заклучоците и препораките на ЕК. Потврдени се водечки принципи на политиката за проширување – принципот на сопствените заслуги и фокусот врз владеењето на правото и доброто економско управување.
Задоволни сме од значењето кое се придава на добрососедските односи и од високата оценка за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Република Македонија“, се вели во декларацијата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.