13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Специјализанти со отворено писмо до премиерот Заев: Плата за сите, друга опција не прифаќаме

Доктори на приватна специјализација, од генерацијата март 2018 година, преку отвореното писмо до премиерот Зоран Заев, бараат исплата на плата, откако од Министерството за здравство добиле информација дека одделни приватни специјализанти ќе бидат исклучени од земањето плата, што го гледаат како неправеден и дискриминаторски потег.

Писмото е проследено со список од 71 потписи на приватни специјализанти со барање за исплата на плата.

Отвореното писмо, и списокот на потпишаните доктори, во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Во јавноста веќе подолго време се пласираат информации околу решавање на економскиот статус на специјализантите. Ова прашање е особено сензитивно сега, во време кога се повеќе млади доктори ја напуштаат државата во потрага по вреднувањето кое го заслужуваат. Но, и покрај недостатоците на нашиот систем, сé уште има млади ентузијасти кои сакаат да останат во својата земја и својот професионален пат да го продолжат во Македонија.

Минималните трошоци, кои секој специјализант ги покрива за една приватна специјализација чинат помеѓу 8000 и 13 600 евра. Специјализациите во просек траат 5 години за време на кои дипломиран доктор специјализант не прима никаков паричен надоместок за својата работа.

Но дали Министерството за здравство вистински се труди да не задржи дома или повторно се повторуваат грешките од минатото за деградација и фрустрација на иднината на медицината на Македонија?

Имено, на седницата на собранието официјално од страна на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче беше соопштено: “Го исполнивме ветувањето и за исплата на приватните специјализанти. Сите оние кои досега работеа за без пари, за месец март ќе бидат исплатени со просечна плата на здравствен работник”. Според ова, исплатата на плати би требало да важи за сите приватни специјализанти.

Од информациите што ги добивме од Министерот и Министерството за здравство, една третина од околу сто доктори на приватни специјализација неправедно се исклучени од земањето на плата. Имено, долгоочекуваното решение за овој горлив проблем за специјализантите од страна на Министерството е исплата на плати само за селектиран број на приватни специјализанти.

Се наметнува прашањето, кои се докторите кои ќе земат плата? За исти потпишани договори различно се вреднува трудот на докторите кои приватно специјализираат под исти услови на Клиниките и Институтите во Скопје. Цела генерација од речиси 100 доктори е изоставена од ова право на исплата на плата за вложениот труд на Клиниките. Форсирањето за исплата на парични средства само за одредена група доктори е дискриминаторско. Ваквото решение претставува девалвација на трудот и личноста на докторите кои решиле останат во татковината!

И покрај остварените средби со Министерот и работната група во Министерството со цел изнаоѓање на конструктивно решение за сите приватни специјализанти, оттаму не нудат конкретно решение на овој проблем.

Вреднувањето само на одделни доктори на приватна специјализација е комплетно неправедно и би можело да служи како понатамошен поттик за продолжување на својата кариера во земји каде што истите ќе бидат вистински ценети.

Плата мора да има за сите приватни специјализанти…Друга опција не прифаќаме!

Во име на онеправданите приватни специјализанти, но најмногу во името на правдата, ВЕ МОЛИМЕ, да ја искористите Вашата позиција и да овозможете правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација. Сé што бараме е уште една можност за да се исправат грешките и да ставите крај на деградацијата на докторската фела.“, стои во отвореното писмо.

ФОТО
ФОТО
ФОТО

поврзани објави

Последни објави