Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по вечерашната одржана седница на Централниот Комитет, одговараше на новинарски прашања. Мицкоски запрашан за поканата на премиерот Заев за тет а тет средба, вели дека сериозни и одговорни политичари за вакви сериозни прашања како што е спорот за името, е логично да отворат фронт на консултации со што е можно поголем број на целни групи, а наместо тет а тет средба во како што вели, удобниот кабинет на премиерот, тој го повикува на тет а тет средба пред граѓаните на Република Македонија.
-Како човек како претседател на најголемата опозициона партија и најорганизираната политичка сила во Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја искористам оваа прилика еве и да му одговорам на претседателот на владата на неговата покана на тет а тет средба. Истата можам да ја прифатам, но наместо во неговиот удобен кабинет да го повикам на телевизија да можеме да се соочиме на една тет а тет средба пред граѓаните на Република Македонија. Да дискутираме за ова прашање да може он да ги информира граѓаните Република Македонија, како преговара за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики кои што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која што така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто, изјави Мицкоски.