Професорот по право на Штипскиот Универзитет и воедно член на президиумот на Левица, Димитар Апасиев истакна дека преговорите кои ги води македонската со грчката влада за промена на името се тотално правно нелегитимни. Според Апасиев, македонскиот Устав единствено му дава право на претседателот да преговара, договара и склучува меѓународни договори, а не на владата.
-Овие преговори кои што се водат се тотално правно нелегитимни. Впрочем македонскиот уставен систем предвидува, стручно да се изразам, бицефална извршна власт. Тоа значи дека ние немаме само претседател и само премиер. Туку имаме и претседател и премиер. Премиерот го избира собранието, претседателот на државата како шеф на државата, на Републиката го избираат граѓаните. И од тука Уставот му ги дава нему ингеренциите да преговара договара и да склучува меѓународно договори. Не на владата, никако на владата. Значи само во одредени ресорски технички работи, образование, култура како што ги наведува, вели тој.
Тој вели дека советниците, Заев и министерот за надворешни работи, поради нивното слабо познавање на правото го забораваат дека немаат правна основа да склучуваат вакви договори. Станува збор за Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори. Според Член 3 од овој закон вели Апасиев, меѓународните договори, во име на Републиката ги склучува Претседателот на Република Македонија, а не премиерот.
-Сите го забораваат тоа, особено советниците овие кој ги споменувате на премиерот. Сите тие бидејќи се слаби во своите капацитети правни, бидејќи забораваат еден закон донесен во време на Киро Глигоров и претседател на Собрание бил Тито Петковски. Тоа е указ за прогласување на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори. Според овој закон во Член 3, меѓународните договори, во име на Републиката ги склучува Претседателот на Република Македонија. Не премиерот, претседателот. Така што јас верувам дека за разлика од Законот за јазици, претседателот беше само пропратна фигура во процедурата кој има право на вето, суспензивно или џебно. Тука претседателот е примус, премиерот е секундус, ме разбирате. Значи претседателот е главниот играч. Не можете вие само да го брифирате, тој ги води потезите, од тука јас не верувам дека претседателот ќе потпише таков договор, заклучи Апасиев.