Mакедонија и официјално е на дното во Европа по растот на БДП, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Имено, според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1 отсто. Најголем пад е забележан кај градежниот сектор и тоа од дури 37 отсто. Ваквите поразителни бројки уште еднаш ја потврдија лошата економска политика на СДСМ.
Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост.
За експертите ваквите движења се очекувани, со оглед на актуелните економски политики.
-Во услови кога податоците за движењата на европскиот пазар како најзначаен за македонската економија покажуваат раст, економиите во регионот растат со стапки од над 4 отсто, навистина е поразителна и разочарувачка бројката од 0,1 отто раст на БДП кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5 отсто за првиот квартал, со што дополнително се минимизира оваа и онака скромна бројка. Градежниот сектор кој што беше главниот двигател на економијата во изминатите години е во пад, што дополнително ја усложнува состојбата и влијае негативно на растот на дваесетина индустриски гранки од економијата што директно зависат од градежниот сектор – вели поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.
Со ваквите негативни тенденции во економијата, невозможно е да се реализираат проекциите за раст од 3,2 отсто, како што најави владата на Зоран Заев. Дури и сегашната слабокрвна раздвиженост на економијата се уште е резултат на имплементираното во претходниот период, од времето кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт.
-Податоците од првиот квартал на 2018 година, не даваат простор за ваков оптимизам, дотолку повеќе што и проекциите на Светска Банка за растот на македонската економија во 2018 година се 2,3 отсто, што повторно станува во овие услови висок таргет затоа што економијата на квартална основа треба да расте по речиси 0,6 отсто за да се стигне оваа бројка. Инаку и овие резултати кои што се испорачуваат се резултат на активностите на компаниите во слободните економски зони кои што се добавувачи на големите европски компании и кои што максимално ја користат позитивната коњуктура на европскиот пазар. Колку што ми е познато речиси и да нема некој позначаен инвеститор кој што има најавено отварање на нов капацитет во Република Македонија. Тоа се разбира не е добро за Република Мекедонија за компаниите и граѓаните- тврди Миноски.
Повеќе на Курир.мк










