4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

СКОПСКО ЕХО: А, ШТО АКО ДОЖДОТ ВРНЕШЕ ПОЛОВИНА ЧАС, И ЗОШТО НЕ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ТАКВО НЕШТО?

Најновиот 76-ти број на „Скопско Eхо“ веќе се дели низ македонската метропола, ударна тема е:
Скопје може да издржи само десетминутни врнежи

А, ШТО АКО ДОЖДОТ ВРНЕШЕ ПОЛОВИНА ЧАС, И ЗОШТО НЕ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ТАКВО НЕШТО?

Скопје е град кој издржал палења, земјотреси… ама некогаш… во историјата. Сега може ли да издржи петнаесетминутен посилен дожд? Не. Тоа се виде минатата недела. Тоа се виде и пред две години кога дождот однесе и многу жртви. Но најболно од се е што се гледа и неверојатната површност и безидејност на градските служби на чело со градоначалниците, оваа состојба да не се повтори.
– Пак нема да се извлече поука и пак нема да се направи подобра атмосферска канализација за да не ни се случува дожд од само 15 минути да не направи како Венеција. Изгледа градоначалниците единствено што прават по ова прашање е дека се молат на Бога да не заврне 30 минути, револтиран е скопјанецот Славко Ивановски.
А ова е сликата од големите улици: еден мал отвор во ивичникот на коловозот со шест помали дупки и едена обична решеткаста шахта кај надвозникот кај Црниче, се единствени отвори низ кои треба да истечат илјадниците литри вода кога силно врне. Вакви отвори лесно се запушуваат како што и беше при невремето минатата сабота. И не е само ова место заради кои скопјаните деновиве повторно се молат да не се повторат саботните врнежи.
– Во саботата беше страшно. Одев со колата по булеварот „Партизански одреди“ токму по делот кој беше реновиран пред неколку недели. За десетина минути се се поплави. Се направи цело езеро, одвај излегов со колата. Се виде дека шахтите на булеварот не можат да примат толку вода. Ме зачудува ова, зошто не планираа шахти и за вакви дождови. Кога ги правеа, мислеа ли дека во Скопје само ќе паѓаат мали дождови, прашува Мира Сековска од Карпош 4.
Сето ова сега почнува да ги плаши скопјани бидејќи е очигледно дека вакви и потешки летни бури ќе има се почесто. Тоа и го потврдуваат метеоролозите. Тогаш, повторно ли ќе се поплавуваме во градот? Трагедијата од стихијата Стајковци од пред две години беше големо предупредување и саботниот хаос беше добар пример да се види дека градот има голем проблем со канализацијата. И тоа не само таму каде што ја нема туку и таму каде ја има.
Изненадувачки беше и тоа што се поплави и модерниот булевар „Јане Сандански“ во населба Аеродром. Колите пливаа во длабоката вода иако и тоа е сообраќајница правена во поново време и ни беше кажувано дека е по сите стандарди. Се поплави и кружниот тек кај хотелот „Континетал“, повеќе други улици…
Се покажа и тоа дека воопшто не се знае кое стебло е нестабилно и кое може да го урне малку посилен ветер. Опасни станаа и покривите на зградите. Посебно на оние згради на кои што се доградувани покриви со изнајмување на кој знае какви фирми кои им ставаа лимени коси покриви на неколку греди и летви поставени на дотогашниот рамен покрив на зградата.
– Што ли ќе се случеше доколку силниот дожд врнеше саат време и уште толку дуваше силен ветер? Кој знае какви се поплави ќе настанаа во градот. Тоа веќе утре може да се случи и да ни се повтори невремето. Пак ли немоќно ќе гледаме како се поплавуваме или нешто веќе сега треба да се преземе, се прашува Илија Костовски од населба Острово.
„Скопско ехо“ неодамна пишуваше за исклучително лоша состојба во градот во однос на опфатеноста со атмосферска и фекална канализација. Веќе со години покриеноста на градските населби со атмосферската канализација изнесува само 30 проценти. Вкупната должина и е само 293 километри што ќе рече дека само една третина од улиците има сливници за врнежите. На сите други, водата која што ќе се насобере се излева на сите страни.
-Главните проблеми со дождовите произлегуваат од тоа што немаме доволна мрежа на атмосферската канализација. Проблемите се најголеми во општините Шуто Оризари, Чаир, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба.. најдобра е покриеноста во Центар и во Карпош изјавија тогаш во ЈП „Водовод и канализација“.

Прочитајте го целиот напис на Скопско Ехо – ОВДЕ

поврзани објави

Последни објави