Вашиот проблем не е тоа дека е лош договорот, туку дека постои договор и е добар, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас, обраќајќи се до Нова демократија на денешната расправа во грчкиот парламент.
Ова е еден договор што би сакал да го има на маса секој грчки премиер по 1995 и Времената спогодба, бидејќи не содржи само сложено име со географска одредница, ерга омнес, туку како предуслов има и уставна промена на денешното уставно име на соседната земја признаено од 140 земји, рече грчкиот премиер, а во однос на предлогот за недоверба на владата коментираше дека „на историчарот од иднината ќе му биде тешко да сфати зошто во еден толку позитивен момент за земјата, Нова демократија се обидува да ја урне владата“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, говорот на Ципрас што траеше нешто помалку од еден час, во голем дел беше насочен кон опозициската партија, кон ставовите што Нова демократија ги имала во минатото и ставовите што ги има сега во однос на преговорите за името.
Грчкиот премиер ги анализираше деловите од договорот и членовите за кои од опозициската Нова демократија рекоа дека се проблематични и Грција прави отстапки.
– Нашата душа не е географската одредница пред зборот Македонија, туку е нашата историја, нашето културно наследство, нашите симболи, историските личности кои беа присвоени во изминатите години, рече Ципрас.
Во обраќањето пред пратениците, тој упати критики до Нова демократија, дека во минатото немала проблеми со македонскиот јазик.
– Каде бевте во 1977 кога немаше никаков приговор за усвојување на македонскиот јазик во ООН, и тоа на конференција во Атина? Каде бевте кога Евангелос Авероф во 1959 година во парламентот говореше за македонски јазик?, праша Ципрас.
Грчкиот премиер потсети на периодот од 90-те години кога Андонис Самарас беше министер за надворешни работи, дека на средбата со португалскиот МНР и медијатор, Пинеро, на Самаррас му го претставил пакет предлогот, вклучувајќи и уставна измена согласно со грчките предлози, а тогашниот шеф на грчката дипломатија, според Ципрас, го отфрлил името Нова Македонија, но го поздравил прифаќањето на грчкиот предлог за Уставот.
– Договорот не спомнуваше никакво регулирање на нацијата и јазикот, а господинот Самарас не го побара тоа од Пинеро, како што и во Времената спогодба не постои дури ни државјанство, со резултат сите овие години да се зацврсти уште повеќе употребата на термините „Македонец“ и „македонски јазик“, рече Алексис Ципрас.
Грчкиот премиер рече дека патриотизам значи земјата да стане лидер на Балканот, а до опозицијата ги постави прашањата, дали можеби смета дека нашата земја е закана за Грција или „можеби смета дека за земјата е подобро да не постои и да се распадне соседната држава, во корист на други земји?“.
Претседателот на владата на Грција, го повтори ставот на владата, она што го споменаа и Ѕанакопулос и Коѕијас, дека опозициите во двете земји имаат идентични ставови, против договорот.