3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет од химната, учебниците, традицијата и културата

Прво, Зоран Заев прифати, а неговите пратеници изгласаа дека именката Македонија ќе биде избришана во Уставот, ова на денешната прес конференција го потенцираше Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Второ, Зоран Заев прифати, а потоа неговите пратеници изгласаа дека се забранува секаква употреба на придавката македонска, македонско, македонски во сите форми од сите институции кои што имаат изданија и кои што добиваат пари од државата. Па како Зоране Заев го заштити идентитетот? Смее ли државата да издаде учебник во кој што ќе пишува Македонија? За што ќе учат децата? Ќе смеат ли децата, а воедно и сите граѓани да ја испеат химната „Денес над Македонија се раѓа“?, прашува Стоилковски.

Тој вели и дека смее ли Ансамблот „Танец“, ако не знаеш Зоране создаден со одредба на македонската влада, да изигра македонско оро, и дома и во странство?

-Зоране Заев, сам ли или кој наместо тебе ќе го корне македонското сонце од јавните површини следните 6 месеци онака како што си прифатил во членот 8? Иако целиот член е монструозен, еве што вели Став 3 од овој член од договорот кој што го потпиша Зоран Заев – „Втората страна не смее повторно да го употребува на било кој начин и во било кои форми симболот кој претходно бил прикажан на своето поранешно национално знаме. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој Договор, Втората страна ќе продолжи со отстранување на симболот прикажан на нејзиното поранешно национално знаме од сите јавни места и јавни употреби на нејзина територија“. Почитувани граѓани, овој таканаречен договор е акт на чистење на цела нација, ова е пострашно од геноцид, ова е геноцид врз цела една нација – ова е  етноцид. Ова е срамен договор. Овој договор е измама од Зоран Заев. Народот е разочаран, потиштен и излажан. Овој договор нема да донесе подобар живот. Зоран Заев мора да падне, а Македонија да победи, додава Стоилковски.

поврзани објави

Последни објави