4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Костов: Качулките како грд концепт на македонскиот Homo Duplex

Кои се овие луѓе чии лица се покриени со качулки? Од каде доаѓаат и каде одат? Час се на една страна, час на друга. Доаѓаат од некаде, маскирани им се придружуваат на навивачката група ‘’Комити’’ кои го организираа протестот, се мешаат со граѓаните демонстранти кои ги поддржаа протестите, протестираат заедно со нив и в’миг ете ти ги на другата страна во полициските редови како прогонуваат и тепаат демонстранти. Навистина како во филм, според некое сценарио тие се поттурени меѓу демонстрантите за да ги компромитираат протестите. Демек и тие се ‘’Комити’’ или граѓани кои протестираат против промената на името Македонија. Кое лицемерие, невидена хипокризија.

Од една страна симулирајќи насилни демонстранти, од друга страна разбивајќи ги самите протести во отворена соработка со полицијата која станува насилна до бестијалност. Целта е и овие протести да добијат аура на насилство и со тоа да ги плашат граѓаните да не излегуваат. Многу просто. Концепт на Homo Duplex. Овие луѓе – качулки доаѓаат како некакви персони со скриен идентитет. Зошто? За да не дојде до инстантно препознавање од страната на демонстрантите и да бидат веднаш изолирани од народот како провокатори и денунцијанти.

Соработници на полицијата и кодоши. Народот знае сé. Но тие навлекувајќи ги качулките се фолираат пред немаскираните граѓани дека се некакви супер патриоти, дека нивниот идентитет и е познат на полицијата, но дека се спремни на сé. Ги видовме на 27ми април минатата година, кога се мотаа ко муви без глави и ги дразнеа пензионерите на насилство против пучистите во Собранието.

Сега еве ти ги повторно на сцена, но овој пат се издадоа во мигот кога ги извадија качулките и им се придружија на полицајците што почнаа насилно да интервенираат. Многу проѕирно, ептен провидно, а најмногу предвидливо. Веројатно си замислуваат дека се супер херои од стриповите, па можат се и сешто. Ама не е баш така. Нивните вистински лица се срамни меѓу народот, затоа ставиле качулки, но меѓу поддржувачите на хунтата нивните лица се сосема прикладни, таму бессрамноста е нормална.

Конечно зошто сета таа маскарада. Личност со добри и чесни намери нема потреба да се маскира. Затоа луѓето со качулки се во најмала рака сомнителни и со зла намера и како такви треба да се третираат од не маскираните патриоти што демонстрираат за спас на Македонија од оваа злосторничка хунта.

КОЛУМНА НА СОТИР КОСТОВ

Извор – Курир.мк

поврзани објави

Последни објави