Почитувани колеги пратеници,
Почитувана потпретседателка на Влада,
Почитувани министри,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
На самиот почеток, дозволете да го изразам моето задоволство што ние како Собрание на Република Македонија, поточно Комисијата за одбрана и безбедност, е домаќин на Годинешниот состанок на Центарот за безбедност и соработка, на кој се присутни претставници на Комитетите за безбедност и соработка на Парламентите од државите на Југоисточна Европа.
Сакам да потсетам дека овој Центар, кој е попознат по кратенката РАКВИАК, е формиран во 2000 година, како регионален центар за контрола и верификација на вооружувањето и помош во имплементацијата, и во суштина е дел од Пактот за стабилност.
Во текот на својот развој, секако под влијание на промената на безбедносната состојба во Југоисточна Европа, се менуваше и улогата на центарот. Така, во 2010 година е потпишан нов договор со кој Центарот добива статус на меѓународна организација чија мисија е унапредување на дијалогот и соработката за безбедносните прашања во Југоисточна Европа низ партнерство помеѓу земјите од регионот и нивните меѓународни партнери. Втора, исто толку значајна функција која во изминатиов период успешно ја работеше Центарот за безбедност и соработка РАКВИАК, е јакнењето на парламентарната контрола врз вооружените и безбедносните системи, што е еден од основните принципи на парламентарната демократија. Сето ова го споменувам бидејќи како пратеник и како министер за одбрана, имав високо развиена соработка со овој Центар, а преку него или заедно со него, и со други меѓународни владини и невладини организации и институции, како што се НАТО, ЕУ, ОБСЕ, па се до швајцарскиот Центар за демократска контрола на вооружените сили ДИКАФ и други.
Почитувани пријатели,
Сите знаете дека пред десетина дена Република Македонија и соседна Грција го решија речиси тридеценискиот спор, кој во суштина беше и најголемата препрека во процесот на нашата евроатланска интеграција. Во исто време, овој спор ги оптоваруваше и целокупните односи и стабилноста во регионот. Да потсетам, пред тоа потпишавме Договор за пријателство со соседна Бугарија, со што се надминати оние отворени антагонизми кои ги оптоваруваа билатералните односи. Но, да се вратам на договорот со Грција, кој за нас, но и за Грција и регионот, има многу јасна историска димензија. Мислам дека Република Македонија со овој Договор, како и со Договорот со Бугарија, не само што ги уредува билатералните односи со соседите, не само што го деблокира својот пат кон евроатланските интеграции, туку дава историски придонес во стабилноста, мирот и евроатланската перспектива на целиот регион.
Западен Балкан, почитувани колеги, сè помалку личи на буре барут и мислам дека сите заедно му даваме многу јасна, европска перспектива. А како се дојде до сето ова? Прво е политичката волја на актуелните политички лидери и актуелните влади овие проблеми и антагонизми да се решат. А, до решението се дојде само преку дијалог и отвореност за аргументите и на едната и на другата страна. Како што знаете, Законот за ратификација на Договорот со Грција помина во Парламентот. Јас очекувам дека и сите други државни институции, вклучително и Претседателот на државата, ќе го почитуваат Уставот и парламентарната демократија. А дали овој Договор ќе биде имплементиран или не, сепак на крајот ќе одлучат граѓаните на референдум, а ние како одговорни политичари, таа волја ќе мораме да ја почитуваме.
Дами и господа,Верувам дека во текот на вашата дводневна работа ќе се осврнете на сите овие прашања. Исто така, убеден сум дека ќе дадете многу нови идеи, размислувања а и позитивни практики кога станува збор за парламентарната контрола врз вооружените и безбедносните системи, што е една од основните вредности на секое демократско општество и правна држава. А, секако, ќе разговарате и за други прашања кои се дел од програмата на Центарот за безбедност и соработка, затоа, дозволете ми на крајот, уште еднаш, да Ви посакам успешна работа, а на нашите гости пријатен престој.
Ви благодарам на вниманието.