3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

ВМРО- ДПМНЕ: 11 години затвор за Џафери и Костовски ако во „Службен весник“ ги објават законите без потпис на Иванов

Неделава пратениците повторно ќе го гласаат Законот за ратификација на Договорот со Грција. На 5 или 6 јули предлогот, според најавите ќе се најде на дневен ред. Доколку повторно ја добие потребната поддршка, Законот ќе биде пратен во „Службен весник“ без потписот на претседателот Иванов. Истата судбина ќе ја има и Законот за јазиците, за кој шефот на државата не даде зелено светло. Ова уште во петокот го најави претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинари. Очекувањата на Џафери од Иванов не се големи, освен ако шефот на државата не се премисли по добиената покана од НАТО.

„Ако и по вторпат не потпише, веќе станува лоша пракса со мешање во надлежностите, кои нему не му припаѓаат. Собранието ќе ја истера целата процедура до крај како што треба“ – рече Џафери на брифингот.

По ваквите најави, директорот на „Службен весник“, Мартин Костовски за 1ТВ, вели дека институцијата со која раководи нема да ги кочи позитивните процеси во земјава, но тој ќе се води според законските прописи.

Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа Службен весник како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија – рече Костовски.

Ова би можело да значи дека без потписот на Иванов, законот за ратификација на Договорот со Грција, како и  Законот за јазици до сега ќе останат надвор од правниот поредок на земјава. Доколку сепак тие бидат објавени без потпис од шефот на државата, опозициската ВМРО- ДПМНЕ предупреди на кривична одговорност.

„Доколку Костовски како Директор на Службениот весник на Република Македонија и Талат Џафери како Претседател на Собранието на Република Македонија го сторат ова кривично дело и ги објават законите без потпис од Претседателот Иванов, не само што ќе бидат оспорени пред Уставниот Суд, тие и ќе се соочат со затворска казна од најмалку 11 години по човек“ – порача Димче Арсовски – портпарол на ВМРО- ДПМНЕ

Но според Уставот, претседателот Ѓорѓе Иванов е должен вториот пат да го потпише указот доколку Собранието повторно даде зелено светло. Токму на ова реагираше власта, но и експертската јавност – дека шефот на државата не ги исполнува уставните обврски. Академк Владо Камбовски, при неговото обраќање на Летната школа по природно право нагласи дека Иванов има должност да ги потпише законите и договорите донесени од Собранието, а не да изнесува лични ставови и толкувања.

 

поврзани објави

Последни објави