Од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение наведуваат дека Зоран Заев е човекот кој ја уништува Република Македонија, како на меѓународен, така и на домашен план.
-Зоран Заев ја понижи Република Македонија и трајно ги наруши нашите меѓународни позиции. Тој прифати обезличување на сопствената држава и народ, промена на Уставот, идентитетот и јазикот. Владата потпиша штетен договор со Грција, во кој Република Македонија е оштетена страна. Додека ја подготвува гилотината за Македонија, Заев ја уништува државата и од внатре. Економијата е на дно повеќе од една година. Нема никаков раст. Индустријата е најниска во регионот и во Европа. Градежништвото е во слободен пад. Граѓаните живеат полошо од пред една година, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека земјоделието е еден од најпогодените сектори од ураганот наречен СДСМ. Субвенциите се намалени, откупот е слаб, а откупните цени ниски. Родот наместо по пазарите завршува на буништа.
-Производителите на лубеница мака мачат со откупот. Откуп нема, иако Заев ветуваше дека кога ќе дојде на власт, откупот не само што ќе биде загарантиран, туку и откупните цени ќе биле повисоки. Заев е цела година на власт, а откупот ниту е загарантиран, ниту откупните цени се повисоки. Државата тоне на секој поглед. Заев е крајно неспособен и не знае да ја води државата. Оваа неспособна и ненародна власт мора да си замине. Република Македонија заслужува подобро, стои во соопштението.