Соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права:
За жал претепаното момче од инцидентот кој се случи на 29.06.2018 година околу 17 часот на автобуска постојка во Автокоманда, им подлегна на сериозните повреди.
Овој случај е потврда дека злосторствата од омраза се сериозни и дека последиците од нив може да бидат фатални.
Изразуваме искрено жалење за прерано загубениот живот и уште еднаш повикуваме на смиреност кај сите граѓани, а особено кај членовите на навивачките групи, бидејќи никакви инциденти нема да го вратат младото момче назад, а може да доведат само до дополнителни жртви и нарушување на мирот и безбедоста на останатите граѓани.
Институциите пак, мора со најголемо внимание, ефикасност и темелност да му пристапат на овој случај, да ги обезбедат сите докази и согласно истите да го квалификуваат делото и да ја водат постапката против сторителите, кои согласно закон би биле изведени пред суд и казнети соодветно.
Хелсиншкиот Комитет го евидентира овој случај како случај на злосторство од омраза и истиот ќе го следи и понатаму со должно внимание, особено за тоа како ќе го квалификуваат надлежните инсититуции овој случај, како и во кои рокови ќе постапуваат и секако да го мониторира судскиот предмет по негово започнување.
Ги повикуваме уште еднаш владејачките и опозиционерските политички партии да го препознаат овој случај како сериозен случај на злосторство од омраза, да го осудат, да ги повикаат граѓаните на смиреност и што е најважно, да не го искористуваат овој случај за дневно политички поени и за разгорување на нетрпеливост помеѓу двете етнички заедници ( македонската и албаската) и секако да не ги попречуваат или влијаат било како на институциите во вршењето на нивната работа.