13.8 C
Skopje
Saturday, October 26, 2024

Maкедонците од Австралија: Ќе ги прекинеме врските со македонските дипломати поради капитулантскиот договор со Грција

„Предавникот на националните интереси потпиша договор на 19 страни и без согласност на македонскиот народ во Република Македонија, Егејска Македонија, Пиринска Македонија, Преспа, Гора, Голо Брдо, Србија, Европа, Канада, Америка и Австралија ни го промени името на татковината во „Република Северна Македонија“ и со тоа го промени нашиот македонски идентитет, јазик, историја, култура и традиции“, велат Македонците од Мелбурн и Викторија и ја донесоа следнава Резолуција.

„Изразуваме голема благодарност и безусловна поткрепа на претседателот на Македонија г-динот Ѓорге Иванов за неговата исправна Одлука да не го потпишува предавничкиот договор за преименување на Република Македонија, идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик.

Бараме од Заев да не го спроведува насилно капитулантскиот договор со Грција затоа што тој е против волјата на македонскиот народ и претставува чин на велепредавство со непоправливи последици за името на Македонија, македонскиот народ, идентитетот, јазикот, културата и самоопределбата како посебен народ. Промената на Уставот на Македонија, преамбулата и членовите 3 и 49 од Уставот како и сите придавки со името Македонија се велепредавство спроведено против волјата на македонскиот народ и нација. Договорот ја претворува Македонија во грчки протекторат, крајно го органичува правото на слободно изразување на Македонците и предвидува ревизија на македонската историја според грчката националистичка идеологија.

Ја искажуваме нашата силна поддршка за македонскиот народ и го охрабруваме со сите мирни средства да ја спречи ратификацијата на овој срамен, анти-македонски договор.

Бараме да се отфрли таканаречениот „Законот за употреба на јазиците“, а со тоа ја отфрлуваме федерализацијата на Македонија и наметнувањето на албанскиот јазик како официјален јазик на целата територијата на Македонија. Сметаме дека македонскиот јазик треба да остане еден и единствен официјален и кохезивен јазик за сите жители на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи. Затоа бараме Зоран Заев и неговите албански коалициони партнери да престанат да ја спроведуваат штетната Тиранска платформа.

Бараме отфрлување на т.н. договор за соработка и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија со кој Македонија формално се откажува од својата уставна обврска да ги брани правата на Македонците во Бугарија со членот 11, а со членот 8 исто така и дава можност на Бугарија да ги ревидира македонските учебници по историја, во преамбулата не го признава македонскиот јазик и крајно ги ограничува политичките активности во Македонија насочени кон обелоденување на бугарската негација на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.

Ја повикуваме Македонската православна црква да се повлече од договорот со Бугарската православна црква според кој БПЦ се означува како „мајка црква” која наводно би требало да содејствува за олеснување на прифаќањето на МПЦ како автокефална од другите православни цркви. Исто така бараме од САС на МПЦ-ОА да го повлече барањето испратено до Вселенската патријаршија да биде призната само како Охридска Архиепископија.

Бараме да се одржи веродостоен и кредибилен попис во Македонија под независен меѓународен надзор заради утврдување на точниот број на жители во земјата и процентуалната застапеност на разните малцинства.

Ние категорично ги осудуваме ОН, ЕУ и НАТО за фраглантното кршење на меѓународните права и закони со кои се гарантира правото на еден народ и држава да се идентификува спрема сопствената определба.

Го осудуваме официјалното грчко, бугарско и албанско негирање на постоењето на македонскиот народ или македонска нација, етничка група, јазик, идентитет и култура како шовинистички и расистички чин и спротивно на мирот и стабилноста на Балканот.

Го потврдуваме барањето на Македонците на протестите одржани на 4 март до Владата во Македонија дека ги прекинуваме целосно врските со неа, нејзините дипломатски претставници и емисари заради насилното преименување на Македонија со капитулантскиот договор кој ги отвора широко вратите на Грција да изврши окупација врз сите македонски институции кои се носители на македонскиот идентите, јазик, култура и традиции“.

Оваа Резолуција на македонска заедница од Мелбурн и Викторија е испратена до претседателот на Република Македонија, до Владата на Македонија, Собранието, ЕУ, НАТО, Владата на Австралија, ООН, САД, Руската Федерација, НР Кина, Франција, Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска.

Извор: Република

поврзани објави

Последни објави