Според пишаните документи, манастирската црква „Света Петка“ во Брајчино е една од постарите храмови во Преспа. Според познавачите живописот е правен во периодот од 15 до 17 век. Конаците се градени во 1910 година, на остатоците на опожарениот конак од 19 век. Многу оддамна, во манастирската црква имало училиште за монаси
Селото Брајчино е едно од најпрекрасните локации во преспанскиот регион. Се наоѓа под југозападниот срт на Баба Планина, каде што се допира со атарот на селото Бистрица, Битолско, како и со државната граница на јужниот сосед. Ова прекрасно село се наоѓа на надморска височина од околу 1000 метри.
Тоа е сместено на крајниот југоисточен дел на Општината Ресен, од која е оддалечено 32 километра, и е распространето од двете страни на Стара Река или, како што ја викаат, Брајчинска Река. Атарот на селото е доста голем и зафаќа простор од околу 60 километри квадратни, во кој повеќе пре- овладуваат шуми и пасишта, а помал дел отпаѓа на обработливо земјиште.
Во Брајчино имаше основно училиште во кое се изведуваше настава до четврто одделение (изградено во 1921 година), а денес останаа само споменикот на НОБ, затворената продавница на сретсело и угостителските објекти, хотел-ресторани.
Инаку, Брајчино пред педесетина години броело преку илјада жители, но во последните децении многу од жителите се иселиле во: Канада, Австралија, Америка и Шведска, како и во градовите низ Македонија, затоа бројот на жителите е доста намален. Денес во Брајчино живеат околу стотина жители и сите се Македонци. Како што во Македонија се развива селскиот туризам, така Брајчино е на пат да стане привлечно туристичко место.
Заживувањето на селото Брајчино се должи благодарение на прекрасната местоположба и неповторливата природна убавина, климатските услови на воздушна бања, бистрата и ладна изворска вода и другите природни реткости. Тоа е особено изразено од влијанието на Пелистер со Баба Планина и на Преспанското Езеро.
За Брајчино нема точни сознанија или документи како го добило своето име, но според мислењето и кажувањето на некои постари жители од селото и од други места, се вели дека постојат неколку верзии на преданија кои имаат различни толкувања. Така, во едно од нив се вели дека некогаш пред многу години од селото Браилово, Прилепско, дошле да живеат двајца браќа со нивните стада и крупен добиток.
Во Брајчино условите за живеење биле подобри, а за овците имало доволно пасишта, вода и сè друго што било потребно за стадото, а, од друга страна, пак, местото било позасолнето од арамии кои им краделе овци, јагниња сирење и др. И по тие двајца браќа од Браилово, населбата ја нарекле „Брајчино“.
Брајчино е познато по средновековната тврдина „Кула“, како и по петте цркви и едениот манастир. Свети Никола е селската црква, која е изградена во 1871 година и до која се наоѓаат селските гробишта, потоа црквите Света Богородица, Свети Илија, Свети Архангел (обновена 1916 година), и Свети Атанас (обновена 1984 година).
Секако, манастирот „Света Петка“ е едно од поважните духовни светилишта не само за Брајчино, туку тој е и еден од позначајните споменици на поствизантискиот период од преспанскиот крај. Манастирот се наоѓа во непосредна близина на селото, на едно ливадско плато, а е изграден во XVI век. Во чест и слава на света Петка, селска слава за брајчинци се слави на 8 август.
Според пишаните документи, манастирската црква „Света Петка“ во Брајчино е една од постарите храмови во Преспа. Според познавачите живописот е правен во периодот од 15 до 17 век. Конаците се градени во 1910 година, на остатоците на опожарениот конак од 19 век. Многу оддамна, во манастирската црква имало училиште за монаси. Меѓутоа, за еден подолг периот манастирот и конаците биле руинирани, а и човечката рака оставила лоши траги по фреските и по ѕидовите.
Иницијатива за враќање на стариот сјај на манастирката црква „Света Петка“ започнала во 1978 година, кога жителите на Брајчино сами ја почнале обновата на конаците. Се чини пресудна беше 1995 година, кога Селскиот одбор одлучно дал иницијатива да се обнови манастирот и конаците.
Затоа, во изминатиот период брајчинци и вивните пријатели се потрудиле да создадат подобри услови на луѓето кои доаѓаат од многу места од Македонија и од дијаспората. Како резултат на тоа, во манастирската црква „Света Петка“ сé е обновено: конаците, фасадата, чардаците, скалите, изградени се кујна, две трпезарии, гостинска соба за дневен престој, владичка соба и три соби за спиење.
Инаку, според пишаните документи света Петка, која е позната и како Св. Параскева и како Мајка Параскев е светителка од градот Епиват, лоциран на брегот на Мраморното Море помеѓу Силимври и Константинопол во Тракија.
Таа била родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвувале за празнување на празникот Сабат (сабота). Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски.
Целиот текст прочитајте го на: mn.mk