Преподобниот Сисој Велики е роден во Египет и бил ученик на свети Антониј Велики, кој го вовел во монашкиот живот. По смрта на свети Антониј преподобнот Сисој живеел во пустина, на планината што носела име Антониева поради тоа што на неа се подвизувал св. Антониј Велики.
Како што пишува во житието со подвизување и молитви достигнал такво совршенство што бил незлоблив како дете. Господ го дарувал со многу дарови, како на пр. да воскреснува мртви, да лекува болни, да истерува ѓаволи итн.
Кај него доаѓале многу монаси и мирјани пред сè за совети, бидејќи бил исполнет со мудрост. Во пустината се подвизувал цели 60 години. Пред смртта лицето му засветело како сонце, а кога испуштил душа во просторијата се почувствувала благосостојба.
Починал во длабока старост во 429 година. (Подготви Марко Китевски)
Најголемиот број обичаи врзани за Свети Сисој кои се почитуваат се врзани за децата. Многу мајки постат седум дена пред овој празник за да се причестат, а се верува дека така децата ќе бидат здрави и дека во живото ќе ги следи среќа.
Ако на овој празник врне треба да ги пуштите децата надвор добро да искиснат. Во некои краишта е сочувано верувањето дека тоа е водата која Свети Сисој им ја испраќа од небото и дека така најдобро и најздраво ќе пораснат.
Постарите велат дека Свети Сисој е нјголемиот прогонувач на сите ѓаволи кои ги напаѓаат децата, па се верува дека денеска децата може да останат надвор и навечер, бидејќи демоните ќе избегаат и ќе се сокријат.
Народот вели дека се што ќе се роди на Свети Сисој ќе биде среќно и долговечно.