Отворено писмо до политичките лидери на парламентарните и вонпарламентарните партии во Република Македонија
Почитувани колеги,
Нашата земја Република Македонија e посветена кон својата стратегиска цел – полноправно членство во НАТО и влез во ЕУ. Граѓаните на нашата земја во огромно мнозинство го посакуваат полноправното членство на Македонија во овие две организации.
Водени од таа цел нашето општество влегува во процес на земање на смели решенија кои ќе го деблокираат патот на земјата кон нејзините стратешки цели.
Ни претстои референдум на кој граѓаните ќе си го кажат своето мислење за договорот со Грција и ќе ја изразат својата позиција за членството на Македонија во ЕУ и НАТО.
Истовремено со тоа ни претстои и процес на отварање на Уставот на Република Македонија и правење на уставни измени.
Во овој момент имајќи предвид дека години по ред се зборува за преголемиот број на пратеници во Собранието, како и лошиот изборен модел по кој се избираат претставниците во Парламентот, како и правејќи анализи со останатите земји членки на ЕУ, како и докажаните демократски и европски пракси по оваа проблематика, би сакал да ви предложам на претстојниот референдум кој ќе се одржи да биде поставено и второ прашање.
„Дали сте за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 и промена на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица а кандидатските листи ќе бидат отворени?”
Законот за спроведување на референдум го дозволува ова како можност, но и европските и демократските вредности и пракси го дозволуваат.
Сметаме дека би било чесно кон граѓаните да можат да си го кажат своето мислење и по ова прашање. На база на резултатите кои ќе бидат добиени да се направат и соодветните уставни промени како и промени на соодветните закони.
Почитувани колеги, се надевам дека со огромна сериозност ќе го разгледате и ќе го прифатите овој мој предлог како претседател на Граѓанското Демократската Унија-ГДУ и ќе дадете можност на највисоката демократска форма за земање на политички решенија, а имено референдумот. Убеден сум дека во огромно мнозинство граѓаните ќе се изјаснат позитивно на ова прашање и ќе ни дадат обврска за потребните измени на Уставот и законите.
Воедно би сакал да напоменам имајќи во предвид дека така или инаку секако ќе се организира референдумот, ќе бидат потрошени средства од буџетот, за тоа би било правилно и целесообразно да се постави и ова прашање, како и некое друго ако е важно за развојот на нашата земја. Секако ќе се отвара Уставот и не гледам зошто ако граѓаните се изјаснат позитивно да не се направат и овие уставни промени.
Ќе завршам со римската поговорка “Vox unius, vox nullius, vox pópuli, vox Déi” -Гласот на еден е глас на никого, гласот на народот е глас Божји.
Нека го чуеме гласот на нашите граѓани и по ова прашање.
Со почит: Петар Колев, претседател на ГДУ