Откажување, доцнење или пренасочување на летот; губење на куферите – најчести проблеми со кои се соочуваат патниците со авион.
За сето ова може да се бара обесштетување од компанијата. Европските регулативи од оваа област целосно се применуваат и во Македонија.
Летот доцни – што да направам?
Пијалаци, оброци, бесплатни телефонски разговори и пристап до интернет. Ова мора да го обезбеди авиокомпанијата при доцнење на летот. Сепак, овие права зависат од далечината на дестинацијата. За летови до 1.500 километри се применуваат при подолго доцнење од два часа, за летови од 1.500 до 3.500 при подолго доцнење од три часа, а за летови над 3.500 километри доцнењето мора да биде четири часа.
Доколку авионот не полета и по пет часа, патниците имаат право да побараат да им бидат целосно вратени парите за билетот.
Во случаи кога одложувањата на летовите на авиокомпаниите се преку ноќ, патниците имаат право од авиокомпанијата да добијат и хотелско сместување и трансфери до хотелот.
Ако на конечната дестинација се пристигне со доцнење од три или повеќе часа следува ист надомест како и кога летот е откажан, освен во случај ако компанијата може да докаже дека доцнењето е предизвикано од вонредни околности.
Во случај на патникот да му биде забранет влез во авионот од разни причини, тој има право на надомест од 125 до 600 евра, во зависност од доцнењето и далечината на летот.
За изгубен багаж отштета до 1.200 евра
Доколку ги нема куферите, тоа мора веднаш да се пријави во службата за загубен багаж, да се достави писмен приговор.
„Патникот е должен со авионската карта да пријави дека му е изгубен багажот во службата, која пак треба веднаш да отвори записник за непристигнат багаж, електронски да го лоцира и да започне постапка за трагање. Багажот потоа ќе им биде доставен на патниците на домашна адреса што е обврска на компанијата“ велат во АЦВП.
Доколку багажот и по седум дена не е пронајден на патникот му следува максимален надоместок до 1.200 евра.
Во случај на пристигнување на оштетен багаж или од багажот да недостасуваат работи, патникот е должен да се обрати во службата за изгубен багаж за да отвори записник за оштетен багаж.
Жалба прво до авиокомпанијата па до АЦВП
Доколку патниците сметаат дека се нарушени кои било од нивните права треба најпрво да поднесат претставка до авиокомпанијата, а потоа и до Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП).
„Патниците кои веруваат дека имаат валидна жалба против авиокомпанија во однос на забранет влез во воздухоплов, сместување во пониска класа, откажување или големо доцнење на даден лет прво треба таквата жалба да ја поднесат до авиокомпанијата што оперирала со тој лет. За таа намена може да се користи формулар, кој можат да го најдат на страната на АЦВП. Доколку авиокомпанијата не им одговори на жалбата, во рок од шест недели можат да се обратат и кај нас“ велат од АЦВП.